Search

Избрани победниците на конкурсот за најдобар необјавен роман „ПЕГАЗ“

Љупчо Петрески со ракописот „Лазарка” и анонимен автор со „Мртвите знаат најдобро” се победници на конкурсот за најдобар необјавен роман на годината „ПЕГАЗ”, кој веќе втора година по ред го организираат издавачката куќа „Арс Ламина” и фондацијата „Славко Јаневски”. На повикот кој беше отворен во јуни годинава пристигна 61 ракопис, а делата ги оценуваше тричлена комисија составена од: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески”), писателот Давор Стојановски (добитник на награда „Роман на годината” за 2016 година) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина”). Жирито одлучи да се доделат две први места, а во најтесниот избор за наградата „ПЕГАЗ” за 2020 година беа разгледани и ракописите: „Албино трип” од Александар Русјаков и „Деса” од Ивана Трајаноска.

За „Мртвите знаат најдобро”, комисијата истакна дека е пишуван во стилот на светски популарниот современ јапонски автор Харуки Мураками. Во романот се следи приказната за татко и син кои се занимаваат со бизнис на платени убиства без никаква мотивација освен финансиската придобивка, како и понатамошното изнаоѓање решенија за прикривање на труповите. Во делото се преплетуваат судбините на повеќе ликови, во свет каде што живите го делат просторот со мртвите, а сонот и јавето се еднакво реални и важни. Иако насилството и мрачните теми се како гротескен рефрен во романот, дури и нивното повторување преминува во еден специфичен црн хумор.

Ракописот „Лазарка” од авторот Љупчо Петрески е директна референција на истоимената, парадигматична песна од славната поетеса Силвија Плат, во кој авторот – со пристап на изверзиран почитувач на книжевноста, во рембоовска смисла на зборот – ја реконструира библиската приказна за Лазарката и личната приказна на Силвија Плат во поривот да се излезе од сенката на својот идол, маж, љубовник додека истовремено нејзиното постоење е детерминирано од најчистата потреба за рамноправна љубов.

– Како што е одредено и во називот на фондацијата „Славко Јаневски”, нејзината основна мисија е промоција и унапредување на културните вредности. Во таа смисла, наградата „ПЕГАЗ” за најдобар необјавен роман, што ја доделуваме заедно со „Арс Ламина”, зазема значајно место во нашите активности. Заедно со наградата „Роман на годината” која се доделува за најдобар објавен роман „ПЕГАЗ” е логична целина за релативно добро проценување на вредностите во македонската романескна литература. Без оглед што станува збор за млада награда, веќе по првичните искуства заклучуваме дека таа во целост ја исполнува својата задача. Тоа првенствено се гледа според квантитетот на пристигнатите ракописи, но и според нивниот квалитет. Лично се надевам дека оваа награда допрва ќе претставува вистински поттик за нашите автори и дека допрва ќе ја збогати нашата книжевна продукција со респектабилен квалитет – изјави Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на фондацијата „Славко Јаневски”.

Наградата „ПЕГАЗ” се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Покрај предусловот ракописите да бидат досега необјавени, услов беше романите да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои требаше да ги достават во електронска форма (во ворд или во пдф-формат). На минатогодишното, прво издание на „ПЕГАЗ”, за победник беше избран романот „Насон прочитана книга” од авторката Соња Манџук, кој беше објавен и промовиран на посебна свеченост. Делата што беа позитивно оценети, исто така добија можност од „Арс Ламина” да бидат објавени, па така, неодамна беше промовиран и романот „Курвински хроники” од Александар Русјаков.

Треба да знаете
Последни објави