Search

Изборите генерално добри, недостигаат реформи во изборниот закон, партиите се подготвуваат за вториот круг

Генерална оценка на набљудувачката мисија на ОДИХР за изборите во Северна Македонија e дека беа мирни, со натпреварувачки дух, со почитување на основните слободи, но се гледа дека има потреба од суштински реформи во однос на изборното законодавство. Мисијата забележала и изолирани инциденти како групно гласање, но и процедурални грешки при пребројување и сумирање на резултатите. Партиите, пак, им се заблагодарија на граѓаните за поддршката, за успешно спроведените локални избори во европски дух и за високата демократска свест што ја покажаа на денот на изборите.

Во 34 општини се избрани градоначалници во првиот круг од локалните избори што се одржа завчера, покажуваат официјалните податоци на Државната изборна комисија по пребројувањето на сите гласови. Во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ победи во 22 општини, СДСМ во девет, ДУИ во три.

Најголемите политички ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг меѓусебе ќе се борат за градоначалник во 25 општини. Вкупно СДСМ во вториот круг ќе има кандидати во 32 општини плус Град Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ во 28 општини. Кандидатите на Алијанса за Албанците/Алтернатива и ДУИ во вториот круг меѓусебе ќе се борат во осум општини, а во Тетово и Желино во вториот круг влегуваат кандидатите на ДУИ и БЕСА.

Во Градот Скопје во вториот круг влегуваат независната кандидатка Данела Арсовска која има освоено 85.657 гласа и кандидатот на СДСМ Петре Шилегов кој освоил 77.852 гласа.

СДСМ порача дека ја разбрале пораката од граѓаните и сметаат дека поддршката што ја добиле во првиот круг е сериозна и повикаа на обединување. ВМРО-ДПМНЕ со оценка дека Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ триумфирала на локалните избори и со порака дека промената е неминовна. ДУИ излезе со оценка дека останува најголема албанска политичка сила во земјава и оти новото поглавје на партијата „зелена агенда” била добро прифатена од граѓаните и наишла на поддршка.

Шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР Тана де Зулуета, вчера на прес-конференција информира дека бројните празнини во Законот и законските измени направени близу до денот на изборите ја поткопале правната стабилност и најголемите парламентарни партии уживаат системски предности во распределбата на јавните ресурси за кампањата.

– Беше добро да се видат голем број кандидати слободно да водат кампања низ целата земја, но беше очигледно од нашето набљудување дека најголемите партии го користеа Законот за да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист, изјави Де Зулуета презентирајќи ја прелиминарната оценка од набљудувањето на првиот круг од локалните избори во земјава.

Таа посочи дека во Северна Македонија првпат била воведена биометриска идентификација на гласачите за овие избори и иако чекорот бил генерално поздравен од повеќето политички партии како мерка за спречување на измама на временската рамка за нејзина имплементација на национално ниво недостигал пилот проект или сеопфатно тестирање. На самиот ден на изборите, рече Зулуета, беа забележани чести проблеми со уредите за идентификација.

– ОДИХР постојано ја нагласува потребата Парламентот да презеде сеопфатна реформа во изборното законодавство во Северна Македонија придружена со широка јавна консултација. Тоа ќе овозможи да се донесе цврсто законодавство што ќе им служи на луѓето од земјава, нагласи Де Зулуета.

Процесот на отворање и гласање, како што нагласи таа, беше позитивно оценет низ целата земја, но се забележани проблеми како што се групно гласање, како и процедурални грешки при пребројување и сумирање на резултатите.

Во однос на измените на изборното законодавство, Де Зулуета укажа дека тие уживаа широка политичка поддршка, но беа усвоени само еден месец пред изборите без јавна дебата и консултација, што не е во согласност со меѓународната добра практика.

Во исто време говорејќи за капацитетите на ДИК Де Зулуета рече дека изборната администрација ги запазила повеќето законски рокови и направила напори да се прилагодат на ваквите задоцнети измени, но нејзиниот капацитет и способност самостојно да ја извршува својата работа биле загрозени поради недостигот на постојан персонал и испразнети работни места на клучни позиции.

Во однос на реториката во кампањата нотирано е дека и покрај активната и генерално мирна изборна кампања дебатите базирани на прашања биле засегнати од зголемената негативна реторика која особено била насочена кон кандидатките.

Родовата еднаквост и правата на жени во голема мера отсуствувале од партиските кампањи во кои жените исто така останале недоволно застапени. Иако околу 45 проценти на листите за советници беа жени, само осум проценти од кандидатите за градоначалници беа жени кандидати.

Набљудувачите исто така забележале и изолирани случаи на заплашување на кандидатите, како и наводи за притисок врз кандидати да се повлечат и случај на купување гласови.

Предмет на мониторинг на мисијата биле и медиумите. Како што истакна Де Зулуета изборното законодавство предвидува сите медиуми вклучително и онлајн медиумите да ги покриваат изборите на фер, балансиран и непристрасен начин, меѓутоа, рече шефицата на мисијата на ОДИХР, строгото регулирање на програмите за вести кај јавниот радиодифузер за време на кампањата ја поткопало неговата уредувачка независност.

Набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава ја започна својата работа на 7 септември со тим од 16 експерти и вкупно 165 набљудувачи од 29 земји.

СДСМ вчера им се заблагодари на граѓаните за високото ниво на демократска свест и нагласи дека државата и граѓаните успеале да спроведат целосно демократски, фер, слободни и европски избори.

-Поддршката која ја добивме во првиот круг е сериозна. Тоа се стотици илјади гласови на народот. Тоа за нас е обврска и таа обврска ние ќе ја исполниме и нема да застанеме и да дозволиме на некого земјата да ја враќа назад. Пред нас е сериозна борба, наведоа од СДСМ.

– Граѓаните пратија порака и ние таа порака мораме да ја слушаме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот сака да види подобри резултати, но од спротива се заканува злото. Ние сме борбата против злото. Сите ние, секој од нас, објави вчера на Фејсбук премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.

Граѓаните, посочи Заев, ја бараат нашата мобилизација и ќе ја добијат нашата мобилизација. – Граѓаните сакаат земјата и општините да ни одат напред и ние мораме да го дадеме максимумот за тоа да се случи. Влегуваме во вториот круг и во борба за секој еден град и за правецот на нашата земја. Сега е најважно обединувањето, напиша Заев на Фејсбук.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски на прес-конференција вчера рече дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот триумфирала на локалните избори, додавајќи, според него, дека промените во Македонија се неминовни.

-Победата им припаѓа и на младите и на старите, и на христијаните и на муслиманите, и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Србите, и на Бошњаците, и на Ромите, и на Власите, и на сите останати. И на работниците, и на земјоделците, и на докторите, и на просветните работници, рече Мисајловски.

-Ги повикувам сите, сите гласачи кои сакаат нешто да се промени и не поддржуваат, како и сите оние кои не се определија првично за нас, и оние кои што се разочарани од политиката. Ајде заедно да се обединиме време е да ги надминеме разликите да се мобилизираме и да се обединиме. Да покажеме слога во намерите да се направи нешто подобро. Потребни сме и сите заедно на Македонија, со поделби само други користат, рече Мисајловски на прес-конференцијата.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети им се заблагодари на сите граѓани за поддршката на локалните избори, при што, како што рече, уште еднаш се потврдило дека ДУИ е најголемата албанска политичка сила во земјава.

ДУИ оценува дека кампањата на овие локални избори била мирна и демократска, покажувајќи на тој начин високи европски вредности. -Сметаме дека зелената агенда, како ново поглавје со која ДУИ ја започна кампањата за локалните избори, беше многу добро прифатена од граѓаните и наиде на поддршка, како гаранција за подобар живот и посигурна иднина, наведе ДУИ.

Партијата оценува дека во споредба со локалните избори во 2017 година, ДУИ забележала значително зголемување на бројот на гласови во сите општини и очекува потврда на победата во вториот круг.

Според податоците што ги соопшти вчера на прес-конференција претсседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, граѓаните на Град Скопје ќе гласаат во втор круг за независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска и кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов..

Кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје поддржан од СДСМ и Коалицијата Петре Шилегов, вчера порача дека во вториот изборен круг влегуваат изедначено и оти ќе имаат голема победа.

Шилегов вчера на прес-конференција го оцени вчерашниот изборен ден како успешен и како празник на демократијата и им честиташе на сите кандидати за резултатот во првиот круг и на граѓаните кои излегоа на гласање.

Ги повика сите граѓани кои од одредени причини не излегоа на гласање, во вториот круг масовно да излезат и да гласаат. 

– Јас сум убеден дека заради ова и заради поголемиот коалициски капацитет во вториот изборен круг ќе извоиме голема победа. Госпоѓа Арсовска е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и по анализа на резултатите го достигна истиот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имаше во Скопје на парламентарните избори лани. Коалицискиот капацитет што го имам јас бидејќи е капацитет коалициски со граѓаните е многу поголем и поуспешен и верувам во победа на изборите.Јас како и секогаш се потпирам на гласовите на граѓаните, потенцира Шилегов.

Кандидатката за градоначалничка Арсовска, пак, рече дека резултатот од првиот круг од изборите покажува дека е време за модерно Скопје и оти е време да живееме во град со кој сите ќе се гордееме.

– На овие избори важно беше да се обединиме и да успееме да донесеме промени за поубаво Скопје, изјави вчера Арсовска, и ги повика сите скопјани да ја поддржат и во вториот круг.

Таа се заблагодари на сите за поддршката од граѓаните, но и на и ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, Алтернатива и на сите останати партии, движења, невладини организации, и напомена дека очекува уште поголема поддршка и во вториот круг.

Арсовска посочи дека на овие избори најважно беше да се донесат промените за поубаво Скопје. Напомена дека е позитивно изненадена и од неколкуте граѓански иницијативи кои станаа дел од Советот на Градот Скопје и дел од советите на општините во главниот град.

Според неа, настапот и програмите на сите овие кандидати внеле една свежина во оваа трка и нова енергија на овие локални избори. 

Во Северна Македонија во неделата се одржаа седмите локални избори на кои се бираа градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 31 октомври.

Треба да знаете
Последни објави