Search

Иванов: Протестите се израз на криза на лидерството насекаде во светот

Протестите покажуваат дека лидерството е разведено од реалниот живот на милиони луѓе. Протестите се израз на криза на лидерството насекаде во светот. Ова го потврдуваат и статистиките, порача претседателот Ѓорге Иванов, кој денеска се обрати на претседателската сесија на 22. Евроазски економски самит, што се одржува во Истанбул.

Иванов говореше за суштината, мотивите, но и целите на популизмот, а притоа се осврна на „жолтите елеци“ во Франција и посочи на актуелните состојби во Британија, Венецуела, Германија.

„Луѓето што ги гледаме како протестираат на улиците и плоштадите не се некоја точно одредена категорија граѓани, туку луѓе од сите слоеви на општествата на кои глобалистичките елити со своите политики им ја одзедоа иднината, а на многумина им ги уништија и животите“, порача Иванов.

Претседателот говореше за улогата на владејачката елита и потребата од стабилна власт.

„Таквата стабилна власт никогаш својата сила не ја црпи од силата и репресијата, туку од авторитетот и почитувањето на јавното мислење, односно волјата на граѓаните. Да се владее, не значи да се украде или да се преземе моќта, туку мирно да се спроведува“, порача Иванов.

Станува збор за вистински бунт на граѓаните, додаде претседателот Иванов, против авторитетот на националните, но и европските институции, кои во името на неолибералната агенда и голиот профит ја претворија европската средна класа во прекаријат без иднина.

Во рамките на работната посета на Република Турција, Иванов ќе одржи предавање на Фондацијата за образование, култура и заштита на животната средина „Црно Море“.

Треба да знаете
Последни објави