Search

Иванов ги одликува Акан Сувер и Исмаил Серагелдин со Медал за заслуги за Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов денеска со Медал за заслуги за Македонија ги одликуваше професорите Акан Сувер и Исмаил Серагелдин и го додели признанието Повелба на Република Македонија на Организацијата „Македонија 2025“.

Д-р Акан Сувер е одликуван со Медал за заслуги за Македонија за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за промовирање на македонските вредности и позиции во Република Турција и поширокиот европски и азиски простор, со личен ангажман како основач и претседател на Фондацијата Мармара.

Д-р Исмаил Серагелдин е одликуван со Медал за заслуги за Македонија за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за промовирање на меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог и разбирање, за промовирање на македонскиот модел на соживот, со личен ангажман како основачки директор на новата Александриска библиотека во Александрија.

На Организацијата „Македонија 2025“ се доделува признанието Повелба на Република Македонија за значаен придонес во економскиот развој и развојот на капацитетите на институциите на Република Македонија, унапредување на бизнис секторот и промовирање на Република Македонија во странство.

„Преку овој форум македонската економија и македонските компании имаат ширум отворена врата за соработка во целиот евроазиски простор. Тоа е и врска меѓу Република Македонија и Република Турција“, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека д-р Исмаил Серагелдин, долгогодишниот директор на новата Александриска библиотека, е вистински глобален мислител кој се залага за економски праведен систем, адаптација кон климатските промени, искоренување на сиромаштијата и гладот. „Како ко-претседател на Меѓународниот центар Низами Ганџави тој е страсен поборник за слободата на мислата, совеста и верата и слободата на изразување. Д-р Исмаил Серагелдин го промовира македонскиот модел на соживот и почитување на различноста“, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов при доделувањето Повелба на Република Македонија на организацијата „Македонија 2025“, рече дека оваа организација придонесува за создавање просперитетна иднина за младите во Република Македонија. „Македонија 2025“ напорно работи на внесување на меритократијата, прагматизмот и чесноста во македонското општество и држава, во македонската бизнис заедница, меѓу младите професионалци. Со тоа придонесува кон градење на посилна нација“, изјави македонскиот претседател.

Професорите Акан Сувер и Исмаил Серагелдин, како и Вера Ставроф, која го прими признанието во име на организацијата „Македонија 2025“, во своите обраќања изразија благодарност и ја истакнаа честа за доделените признанија, кои за нив претставуваат потврда и препознавање за нивната работа.

Треба да знаете
Последни објави