Инцидентите со спречувањето на новинарите во кругот на „8-ми Септември“ се истражуваат, а одлука за забрана на работата на новинарски екипи во кругот на јавни здравствени институции не постои.
Денеска на барање на Министерот за здравство Венко Филипче, се одржа состанок со претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиуми на Македонија (СЕММ), а по повод вчерашната реакција на ЗНМ и ССНМ во врска со попречувањето на работата на новинарите во кругот на ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје.
На состанокот министерот Филипче укажа дека не постои одлука од страна на Министерството за здравство да се попречува работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите во ниедна здравствена јавна установа во Република Северна Македонија.
Во оваа насока Министерот додаде: „инцидентот кој се случил во изминатите денови во „8-ми Септември“ на кој не им беше дозволено на група на новинари да известуваат од пред влезот и паркингот на оваа болница е изолиран и за истиот се преземаат мерки да се расчисти и да се преземе одговорност од страна на лицата кои директно ја попречиле работата на новинарските екипи“.