Здружението на новинарите на Македонија го осудува пратеникот Димитар Стевананџија, кој на својот Твитер профил објави фотографија со коментар дека колегите Борјан Јовановски и Боби Христов наводно се гости на отворање на контроверзен угостителски објект во Охрид.

Според колегите Јовановски и Христов станува збор за лажна фотографија од објект во Градскиот Трговски Центар во Скопје и истата објава служи да им се наруши нивниот имиџ како новинари.

ЗНМ укажува дека преку етикетирање и ширење на дезинформации на новинари, особено од страна на избрани претставници на Собранието на Република Македонија, може сериозно да им се наштети на професионалниот интегритет и углед на новинарите, а со тоа да се намали и довербата на јавноста во медиумите.

Освен ова, јавните личности, а особено пратениците треба да служат за пример и посебно да внимаваат како комуницираат со новинарите и воопшто со генералната јавност, напишаа од ЗНМ.