Search

ЗНМ: Владата не го исполни ветувањето дека ќе нема платена политичка пропаганда во медиумите

ЗНМ: Владата не го исполни ветувањето дека ќе нема платена политичка пропаганда во медиумите

Здружението на новинарите на Македонија изразува сериозна загриженост затоа што во последните измени и дополнувања на Изборниот законик, што по скратена постапка се предложени од власта и опозицијата во Собранието, не е предвидено и бришењето на спорниот член за финансирање на политичката пропаганда на партиите за време на изборна кампања.

– Разочарани сме што Владата не ги исполнува јавните ветувања пред македонската јавност и меѓународните партнери дека по референдумот ќе ја укине можноста јавни пари да се трошат за плаќање на политичка пропаганда во медиумите, се наведува во денешното соопштение од ЗНМ.

На почетокот од септември годинава, како што велат од ЗНМ, Владата писмено одговори до платформата на Советот на Европа за промоција и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, која во август објави предупредување во врска со спорните измени на Изборниот законик.

Во тој одговор Владата вети дека при наредните измени и дополнувања на Изборниот законик ќе ги земе предвид и укажувањата на новинарската заедница.

– Ако остане решението со јавни пари да се финансира политичката пропаганда во приватните медиуми нема да прекинат старите клиентелистички односи меѓу политичките партии и медиумите. Преку ваквите коруптивни односи што претходната власт ги воспостави со владините реклами, власта ја купуваше наклонетоста на медиумите и ги претвори нив во инструмент за ширење политичка пропаганда, стои во соопштението.

Од ЗНМ велат дека ќе ги информираат меѓународните организации за тоа што Владата не ги исполнува дадените ветувања дека при следното менување на изборната регулатива ќе ја избришат можноста јавни пари да се трошат за пропаганда.

Треба да знаете
Последни објави