Search

ЗМНР Андреј Жерновски панелист на “Конференцијата за Целите за одржлив развој и ЕУ интеграција”

Денеска во Скопје, заменик министерот Андреј Жерновски беше панелист на “Конференција за Целите за одржлив развој и ЕУ интеграција”. Во своето обраќање ЗМНР Жерновски ги пренесе заложбите и активностите на Владата на Република Северна Македонија на тој план, а посебно улогата што Министерството за надворешни работи ја има како координатор на соработката со системот на ОН при имплементацијата на Целите за одржлив развој. Тој се осврна на Националната стратегија за одржлив развој (НСОР) и приоритетните цели,  истакнувајќи дека целокупната соработка на Владата со Канцеларијата на ОН во Скопје се одвива преку Рамката за развојна соработка на Обединетите нации (УНДАФ) насловена: “Партнерство за одржлив развој (ПОР): Стратегија на ОН за Република Северна Македонија за 2016-2020”.

Беа потенцирани и престојните активности на ВРСМ во правец на изработка на Доброволниот национален преглед кој ќе биде презентиран на Политичкиот форум на високо ниво на маргините на Економскиот и социјален совет на Обединетите Нации, во 2020 година, во Њујорк.

ЗМНР Жерновски на крајот на својот говор ја пренесе пораката дека “Ова е суштината на нашата желба за одржлив развој. При изработка на нашите политики треба да размислиме и за идните генерации. На почетокот на 21 век, улогата на развојната политика е променета. Денес, развојната соработка се смета за глобална структурна и мировна политика. Таа има за цел да помогне во решавањето на кризите и конфликтите на мирен начин, да помогне да ги зачуваме ограничените ресурси, а пред се да ја зачуваме  нашата животна средина за следните генерации, при што ќе придонесеме во намалување на  глобалната сиромаштија”.

Конференцијата претставува завршен настан на проектот: „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој”, што е финансиран од Европската Унија, а имплементирана од граѓанските организации “Конект” заедно со “Агора” и мрежата на “Глобалниот договор на ОН” од Бугарија.

Целта на Конференцијата беше да ги обедини, на едно место, сите релевантни чинители од земјата, кои се посветени на исполнување на Агендата 2030 за Целите за одржлив развој и интеграција во ЕУ, но и одлична можност да се слушнат и дискутираат добрите домашни и меѓународни практики за меѓусекторски партнерства.

Треба да знаете
Последни објави