Search

,,Земи здив” со седум мобилни станици ќе го мери квалитетот на воздухот во Битола

Во Малата сала на Центар за култура Битола беше промовираше Платформата за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух ЗЕМИ ЗДИВ, а истовремено беше објавен и првиот месечен Извештај за квалитетот на воздухот генериран врз основа на мерењата направени во месец февруари со 4-те активни мерни станици во мрежата на Платформата ЗЕМИ ЗДИВ.

Платформата е формирана од страна на 5 здруженија на граѓани на почетокот на март со основна цел: воспоставување и одржување на сензорска мрежа за континуирано следење на квалитетот на амбиенталниот воздух која ќе генерира податоци и информации кои ќе бидат достапни за граѓаните.

ЗЕМИ ЗДИВ следењето на параметрите на квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола во овој момент го врши со 7 сертифицирани мобилни мерни станици кои се набавени од независната глобална светска мрежа AIRLY и се референтни уреди кои ги поседуваат сите Сертификати за квалитет и Стандард ISO EN 16450:2017. Сензорите на овие мерни станици мерат концентрации на ПМ1 (единствен уред во Македонија кој ја мери концентрацијата на овие честички), ПМ2,5, ПМ10, и од нив го генерираат нивото на CAQI. Покрај овие параметри тие ја мерат и температурата, воздушниот притисок и влажностa на воздухот, а податоците се графички презентирани на веб платформата на AIRLY на која може да се пристапи од секој паметен уред. Податоците се прикажуваат во реално време, а вредностите се ажурираат на секои 3 минути. Нашата заложба е инсталирање на дополнителни 13 сензори кои со постоечките 7 ќе генерираат точни интерполирани мерења и податоци за секој дел од Битола.

Податоците од ваквата мрежа ќе помогнат во идентификација и мапирање на загадувачите и ќе бидат основа за доставување на поднесоци до институциите кои ќе се базираат на докажливи податоци од мрежата. Анализата на податоците од мрежата ќе овозможи изработка на месечни и квартални Извештаи за квалитетот на воздухот, врз база на кои ќе се предлагаат конкретни мерки и ќе се следат ефектите од спроведувањето на тие мерки. Сето ова, заедно со користењето на алгоритмите за прогноза на аерозагадувањето, ќе помогне во изнаоѓањето на соодветни решенија кои треба да се применуваат при креирањето на политиките во борбата со загадаувачите и последиците од загадениот воздух . Податоците генерирани преку мрежата се од јавен карактер и ќе им бидат достапни и на овластените субјекти (Општинска власт, Инспекции за животна средина, Градоначалник, Совет на Општина Битола) кои располагаат со овластувањата да превземат соодветни мерки. Податоците од континуираното следење на квалитетот на воздухот, структурирани во месечни и годишни Извештаи ќе бидат алатка преку која граѓаните ќе можат да проценат дали се превземаат мерки за намалување на загадувањето и каква е ефективноста на мерките кои ги превземаат носителите на јавни функции.

Граѓанските организации Центар за европски развој и интеграција,Сфера Македонија, Геосфера, Јасмин и Младинската асоцијација ИМКА како основачи на Платформата ЗЕМИ ЗДИВ заедно со здруженијата кои ќе и се приклучат на оваа Платформа ќе се грижат за одржување, развој и проширување на мрежата.

Загадениот воздух е јавен проблем во Битола за кој веќе постои високо ниво на свест кај граѓаните. Платформата ЗЕМИ ЗДИВ преку генерирање на релевантни податоци во реално време ќе им помогне на граѓаните да превземат индивидуални мерки за заштита и намалување на изложеноста на аерозагадување и подигање на индивидуалната еколошка свест која ќе води кон промена на дел од навиките.

Треба да знаете
Последни објави