Search

Зелен фронт: Мислевме дека објавата на шведската амбасада во Сараево како Скопје го намалило загадувањето е фејк њус

Соопштение за јавност на Коалицијата на граѓански иницијтиви Зелен фронт и реакција на веста дека шведската амбасада во Сараево го посочи Скопје како пример за добра политика во справѕвање со загадениот воздух.

„Почитувани претставници на медиумите, првата, инстинктивна реакција која ја имавме како членови на коалицијата Зелен Фронт во врска со статусот на Шведската амбасада во Сараево, беше дека мора да се работи за фејк њуз. Затоа бевме шокирани кога дознавме дека ова е официјален став, во кој амбасадата тврди дека “Скопје успеа да го подобри квалитетот на воздухот”.

Тоа што нашата долгогодишна битка за здрава животна средина токму во последниов период доаѓа до кулминација преку граѓанското движење Зелена револуција е најиндикативен факт дека во реалноста, ситуацијата со загадувањето е катастрофална како и во претходните години, и било какви подобрувања од тој аспект се занемарливи и се должат најмногу на почестата појава на ветер оваа зима.

За каков успех во подобрување на квалитетот на воздухот го сметаат во амбасадата редовниот пласман на Скопје во топ петте најзагадени градови на светско ниво?

Со сета почит за дипломатското претставништво на Кралството Шведска во БиХ, нивната објава може да биде единствено резултат на тотално непознавање на локалниот контекст, кое нашиот владин пиар го искористил за да ги промовира сопствените очајни мерки со помошта на неутрален и авторитетен извор. За жал, ако Швеѓаните навистина сакаа да помогнат, а не да бидат дел од меѓународна пропагандна машина, требаше најпрвин да ја проверат ефективноста на овие мерки.

По редослед на тоа што е напишано во објавата, какви се ефектите од замената на мониторинг станиците, кога постојано откажуваат насекаде? Што прават сите тие нововработени во инспекторатот за животна средина со кои се фали Владата, кога секојдневно се гори отпад на јавни површини и се случуваат хаварии како Охис и Арчелор Митал?

На колку прсти можат да се избројат домаќинствата кои се приклучени на мрежата за греење на гас, и колку од нив го направиле тоа поради намалувањето на ДДВ? Колку нови диви депонии никнуваат за секоја исчистена?

Дали од построгите контроли во градежништвото се иззема изградбата на сто нови згради во Кисела Вода?

Дали стотина субвенционирани тротинети во поламилионски град навистина го сметаат за “промена во јавниот превоз”? Искрено се надеваме дека Шведската амбасада во Сараево ќе ги размисли овие прашања, и ќе ја ревидира нивната гледна точка за проблемот на загадувањето во Скопје. Реалноста е дека состојбата со загадувањето не е мрдната од мртва точка.

Со почит,

Зелен Фронт“

Треба да знаете
Последни објави