Search

Здружението на судиите промовираше правна анализа на стандардите за судска етика

Советодавното тело за судиска етика постои една година, но досега пред етичкиот комитет не е отворена ниту една постапка, соопшти денеска претседателот на Здружението на судии и судија во Врховниот суд Џемали Саити.

Со фактот што етичкиот совет досега нема донесено конкретни ставови по одредени прашања за етичко или неетичко однесување на судиите, според Саити практично е оневозможено да се исполни  превентивната функција на телото и да укаже на однесување на судиите кое би можело во иднина да биде предмет на дисциплинска одговорност.

Во насока на поттикнување на судиите да покренат иницијативи за промоција и почитување на принципите на Кодексот за судиска етика Здружението на судиите денеска ја промовираше публикацијата „Правна анализа на стандардите за судска етика”.

Публикацијата содржи добри искуства од Холандија и регионот и треба да поттикне да профункцонира и во пракса Советодавното тело за судиска етика.

Претседателот на Здружението на судии и судија во Врховниот суд Џемали Саити, пред промоцијата посочи дека иако телото првенствено било замислено како советодавно, судиите засега недоволно го користат, особено што неговата превентивна функција е судиите да не влезат во потенцијална дисциплинска одговорност.

– До овој момент до етичкиот совет не е пристигнато ниту едно барање во однос на тоа што значи етика на однесување на еден судија. Настојуваме преку овој проект да го поттикнеме колегите и другите чинители да покренат иницијативи за да може Етичкиот совет да заземе конкретни ставови по одредени прашања, изјави Саити.

Етичкиот совет брои седум члена, а претседател по функција е претседателот на Здружението на судии. Етички прашања, посочи Саити, до телото може да поднесат судиите, претседателите на судовите и управниот одбор на Здружението на судии.

– Во нашиот кодекс иницијативата е лимитирана. Во контекст на законските измени, кои сега поминаа во Собранието, веќе етичкиот кодекс на судии ќе треба да го донесе на седница Врховниот суд и во таа насока се размислува да се прошири опсегот на лица кои можат да покренат иницијатива за етички прашања за судиите, изјави Саити.

Посочи дека препораките од Греко и холандските искуства, укажуваат дека на тоа треба  да се направи разграничвање на дисциплинската одговорност и етичките прашања.

– Етичките постапки немаат за цел казнување, туку да укажат на некое однесување кое би можело во иднина да биде предмет на дисциплинска одговорност. Значи превентивно да му се укаже на судијата да на се однесува на таков начин, со што автоматски се креира и став во јавноста за едно однесување, кое би било општо за сите во однос на едно прашање, истакна Саити.

Во однос на користењето на социјалните мрежи од страна на судиите, Саити, посочува дека во кодексот не е дефинирано тоа прашање.

– Има размислување дека профилот би гласел на приватно име не е проблем, но не треба да има профил во име на судија. За мене, тоа е сепак проблематично, бидејќи не може ист човек да издвоите на две позиции. Во многу европски земји, судиите користат социјални мрежи, но имаат забрана да расправаат за прашања кои се однесуваат на предмети. Заега кај нас ова прашање останува отворено, изјави Саити.

Публикацијата е изработена во рамки на проектот „Подобрување на механизмите за зајакнување на судската етика – споделување на добрите практики во регионот и ЕУ”, финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во земјата, кој Здружението на судии го спроведува како имплементирачки партнер во соработка со холандското Здружение на судии и Здружението на судиите на Република Србија.

Треба да знаете
Последни објави