Search

Здружението за истражување и анализи ЗМАИ од Скопје, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој организира 4 дневен Предизвик за креирање на веб-портал за Отворени Општини

Една од основите за креирање на квалитетни и граѓански политики е тоа граѓаните, аналитичарите и јавноста да имаат увид во трошењето и работењето на институциите. Во таа насока, Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, организира 4 дневен Предизвик за креирање на онлајн портал за отворени општини. Победникот на Предизвикот ќе добие награда од 500.000 (петстотини илјади) денари. Паричната награда е обезбедена во рамки на проектот “Преку инклузија и транспарентност до еднаквост и квалитет: Подобрување на процесите на локално буџетирање во Северна Македонија”, поддржан од Шведскиот Меѓународен Центар за Локална Демократија (ICLD).

На Повикот може да се пријават ИТ компании или ИТ тимови. Предизвикот ќе се одржи од 14-17 декември 2020, а пријавувањето трае до 10 декември 2020.

Учесниците на Предизвикот ќе треба да изработат демо иновативни софтверски и мултимедијални решенија. Решението кое ќе се прифати ќе треба да овозможи вклученост на граѓаните од аспект на 4те принципи на локална демократија: еднаквост, вклученост, транспарентност и отчетност.

Краен производ на Предизвикот, треба да биде креативно, интерактивно решение каде што визуелно ќе се изразат:

  1. Учеството на граѓаните во процесот на буџетското планирање и трошење на локалната самоуправа;
  2. Корисноста на оваа платформа за општинската администрација за овозможување поголема и видлива вклученост на граѓаните во процесот на структурно и системско планирање и зголемена отчетност при спроведување на буџетот;
  3. Индексот на транспарентноста, отчетноста, праведноста и вклученоста на локалната самоуправа;
  4. Информирањето, вклучувањето и следењето на работата на општините преку едноставен и иновативен начин, односно побрз и полесен пристап до јавните услуги за граѓаните и сите релевантни чинители;
  5. Поврзување на јавно достапни податоци од страна на јавни институции или други бази.

Со оглед на постоечката ситуација во општините во овие области, како и огромните разлики во постоечките услови (кај различни општини), веруваме дека решението ќе направи огромни промени. Со овие системи, граѓаните ќе имаат поедноставен пристап до општините, трошењето, носењето одлуки и квалитетот на истите. Ги повикуваме ИТ компаниите да се пријават, да ни помогнат да направиме промена, а јавноста да ја следи таа промена.

Линк до целосниот Повик со форма за онлајн апликација.

Пријавените учесници ќе имаат можност да се запознаат со деталите и концептот на Предизвикот за време на инфо сесија која ќе се одржи на 4 декември 2020 година.

Треба да знаете
Последни објави