Search

Здружената оперативна команда на Армијата го одбележа денот на единицата

Армијата на Република Северна Македонија во изминативе 27 години беше лидер и предводнк на усвојување на стандарди предвидени за една држава-членка на НАТО. Во северноатлантската алијанса влегува целото македонско општество, но повеќе од јасно е дека Армијата е таа која го предводи патот, истакна денеска командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски на одбележувањето на денот Здружената оперативна команда.
Во кумановската касарна „Боро Менков” пред претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, Арсовски порача дека во Армијата допрва претстои сериозна работа за потполно интегрирање во воената компонента на Алијансата. Tој во говорот се осврна на успешно завршените проекти и почнатите процеси во ЗОК, проучувањето на стратегијата за пристапување и интегрирање во НАТО,  креирање на структура на баталјонска борбена група, за команда за операции, реализираните вежби „Одлучен удар 19″, „Национален одговор-19″, тековната „Регекс-19″, како и учеството на меѓународни вежби. Арсоски се осврна и на подготовката на нов Закон за служба во армијата кој треба да помине во собраниска процедура со кој се очекува да се подобри статусот на припадниците на армијата. Во наредниот период, посочи дека почнува нов процес на трансформација на вооружените сили, реформа која ќе се одвива постепено во период од десет години, со кој се очекува Армијата да добие модерен лик со нови способности и капацитети.

-Ова долго патување низ трансформацијата го започнуваме ние кои сега ја раководиме Армијата, но ќе ја завршат генерациите кои доаѓаат по нас. Важно е да се знае дека во новата структура на Армијата има место за секој од нас. Армијата наскоро очекува нова опрема и вооружување. Очекуваме подобрување на условите за живот и работа во нашите касарни и полигони за обука. Очекуваме нови борбени и неборбени возила, нови системи за борбена поддршка и нови платформи на воздухоплови и системи на контрола на македонското небо. Да повторам уште еднаш-модернизацијата ќе биде предуслов за успешна трансформација, рече Арсоски. Тој изрази надеж дека ќе бидат уште победоносни и успешни во предизивиците кои престојат.

На свеченоста  беа доделени стимулативни мерки на припадниците на ЗОК, а на градоначалникот на Куманово му беше доделена плакета.

Денот на ЗОК се прославува во чест на 17-ти октомври кога во 1878 година бил формиран штабот на македонско-кресненско востание. Денешната свеченост беше можност присутните да се потестат за значењето на востанието и на идејата и целите на ослободителната борба на ова востание, чија што крајна цел било содзавање на независна и самостојна македонска држава. Востанието почнало во село Кресна и за месец биле ослободени 35 села, а на 17 октомври 1878 во село Влахи, била формирана Здружена команда, штаб на македонско востание, чиј началник на штабот бил Димитар Поп Георгиев Беровски.

Треба да знаете
Последни објави