Search

Зголемен број нови случаи на Ковид-19 во Грција и на Кипар

Во изминатите 24 часа, во Грција е регистриран рекордно висок број на нови случаи на Ковид-19, 121, од кои само пет се од направените тестови на влезните точки во земјата, според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, а зголемен број новозаразени (25) има и на Кипар.

Според грчките медиуми, од денешните нови случаи, 47 се во Солун, 26 во Атика, поширокиот регион на Атина, осум во Лариса, седум на островот Крф, како и по еден или два новозаразени во различни делови на Грција.

Од почетокот на епидемијата регистрирани се вкупно 4.855 случаи.

Со оглед на тоа дека во изминатата седмица драстично започна да се зголемува бројот на нови случаи во Грција, заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас и професорот епидемиолог и шеф на надлежната комисија во Министерството за здравство Сотирис Циодрас, попладнево одржуваа вонредна прес конференција.

Зголемен број нови случаи во изминатите 24 часа се регистрирани и на Кипар. Министерството за здравство соопшти 25 новозаразени, со што бројот на позитивни случаи од почетокот на епидемијата се зголеми на 1.180 лица.

Треба да знаете
Последни објави