Search

Зголемен бројот на читателската публика во Делчево

Се зголемува интересот за книгите од страна помладата популација во Делчево. Според библиотекарот Анита Петровска, младите кои ја посетуваат локалната библиотеката се повеќе бараат стручна литература која им користи во нивното дообразување.

-За изненадување е колку многу младите читаат од сите жанрови, иако главно школска, но сепак во последно време читаат се повеќе и стручна литература. Ние како библиотека сме во тек со модерното време и се трудиме да ги набавиме најновите изданија како од стручната литература, така и од останатите жанрови, вели Петровска.

Дел од младите својот интерес го покажаа и во рамки на првата ,,Размена на книги” што се одржа синоќа. Во рамки на настанот љубителите на пишаниот збор се дружеа и разменуваа книги. Како што истакна организаторот Магдалена Златковска, инаку наставник по професија, иницијативата за ваков настан доаѓа од фејсбук групата „Размена на книги и книжевни муабети”.

-По иницијатива на групата, решивме да направиме еден ваков настан со цел да се дружиме, да размениме одредена литература од различни жанрови. Како за прв пат доволно сме на број. Се надеваме ова ќе биде поттик следниот пат да бидеме во поголема бројка, вели Златковска.

Со цел модернизирање на своето работење и овозможување подобри услови на читателите, делчевската библиотека неодамна доби нова читална во која освен најновите изданија на дневниот печат е оспособен простор каде учениците и студентите ќе можат да го поминуваат своето време.

Треба да знаете
Последни објави