Search

За 7 до 10 дена ќе почне процедурата во Собрание или ќе распишаат парламентарни избори

За 7 до 10 дена ќе почне процедурата во Собрание или ќе распишаат парламентарни избори

Вчера граѓаните достоинствено гласаа. Порачаа дека нашиот пат и иднина се во НАТО и во ЕУ. Гласаа повеќе од 660.000 граѓани. Од сите кои гласаа, над 91 процент гласаа за Европска Македонија. Во случај на поголема излезност и бројката да одговараше на најголемат излезност во историјата на Македонија, 1.16 милиони, овој резултат ќе значеше „за“. Нашата идеја доби повеќе гласови од било кој победник на парламентарните избори. Одлучија гласовите на тие што гласаа, порача вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

И да имаше излезност од 900.000, со 450.000 плус еден глас „За“, рече министерката, и тогаш ќе беше јасна политичката порака дека референдумот е успешен.

До пратениците таа испрати порака дека немаат друга вистинска опција освен да го следат гласот на мнозинството и да гласаат.

– Ова прашање е поголемо од интересите на сите политички партии. Пратениците ќе имаат јасен избор пред нив. Од една страна ЕУ и НАТО, а од друга изолација и неизвесност. Очекуваме да ја прифатат пораката од референдумот. Во спротивно алатката која преостанува се предвремени парламентарни избори. Во текот на кампањата имаше изјави дека можеме да почекаме и да се надеваме на друг договор. Тоа беа изјави во кампањата кои не се точни. Оваа шанса Македонија нема да ја има. До овој момент никој не излезе со алтернатива за членството во ЕУ и НАТО – рече Шекеринска.

Наредните 7 до 10 дена, кажа таа, ќе ги направат консултациите со пратениците и ќе проценат дали ќе ја почнат процедурата во Собрание за уставни измени или ќе распишаат парламентарни избори. Ако се договорат со некои пратеници, Шекеринска рече дека им веруваат на зборот дека ќе гласаат.

На прашање како ќе ги убедуваат пратениците, односно со што ќе излезат пред нив ако досега не ги кажаа содржините на амандманите кои треба да се променат таа вели дека суштината е иста.

– Сметавме дека текстот не треба да биде испишан пред референдумот. Ако немаше ваква бројка немаше да има потреба да се формираат амандмани – изјави Шекеринска.

Треба да знаете
Последни објави