Search

За 25 години постоење, Унет ќе им помогне на три угостителски фирми

Првиот македонски интернет провајдер Унет одбележува 25 години постоење и по повод  јубилејот одлучи да му додели помош на  угостителството – најзасегнатиот сектор од кризата поради пандемијата со КОВИД-19, со тоа што за три угостителски фирми ќе изработи бесплатно веб-решенија.

– Деновиве, кога го одбележуваме нашиот 25-годишен јубилеј, се вонредно тешки за сите нас не само како граѓани на оваа држава, туку и како стопанственици кои се соочуваме со огромни потешкотии во реализирањето на нашите деловни планови и цели. Нашиот јубилеј ќе го одбележиме на тој начин што во месецот на нашето формирање – април, за еден од најафектираните сектори од оваа криза поради пандемијата на КОВИД-19, угостителството, одлучивме да доделиме изработка на три веб-решенија, целосно бесплатно за три фирми од угостителскиот сектор. Со овој гест УНЕТ ги насочува своите ресурси кон ранливите сектори во обид да манифестира единство и сплотеност која е толку потребна во овие предизвикувачки времиња, соопшти Унет.

Од компанијата наведуваат дека  пред две и пол децении, односно на 20 април 1995,  ја воспоставиле првата интернет конекција во Македонија во време кога населението не само што во најголем дел немаше воопшто слушнато за интернет мрежата, туку и не поседуваше персонални компјутери.

-Во 25-те години развој покрај сите промени, предизвици и можности, Унет и ИТ-инфраструктурата на државата рапидно се развиваа, издигнувајќи не како нација во една од технолошки најнапредните во регионот. Денес, преку 80 проценти од населението активно користи интернет, а ИКТ-индустријата е регистрирана како еден од најсилните придонесувачи во БДП, наведува  во соопштението.

Анета Пешева, основач на Унет и претседател на Управниот одбор на МАСИТ, истакнува дека започнале скромно, ентузијастички и дека нивните цели пред 25 години првенствено се сведувале на тоа да го едуцираат населението за тоа што е интернет-мрежата, за што се користи, како се користи електронската пошта итн.

-Денес Унет е компанија која креира уникатни веб-решенија со примена на современи технологии, нуди услуги за хостирање, регистрирање домени, како и корисничка и техничка поддршка за своите корисници, истакнува Пешева.

Треба да знаете
Последни објави