Search

За 2 години со конкретни реформи Крушево е општина со највисок раст на финансии и транспарентност

Во само две години општина Крушево од анонимна прерасна во препознатлива општина во повеќе области. Ако претходно општината била синоним за неподмирени финансиски обврски кон музичари кои настапувале на големиот празник Илинден, купувала телефони во вредност од 100 000 денари за омилените соработници на претходниот градоначалник, создала долг на општината од 200 000 евра со 3 неотплатени кредити и ја блокирала сметката на ООУ „Никола Карев”, денес тоа не е случај. Денес, општина Крушево е со највисок раст во транспарентноста и фининасиите, општина Супербрендс, општина домаќин на 16-тото Светско првенство во параглајдерство, посакувана светска дестинација според Национална Географија  и општина со капитални проекти во вредност од речиси 4 милиони евра.

Во изминатите две години се работеше на клучните проблеми и барања на граѓаните и полека ги надминуваме сите пречки за кои претходно немало воља да се работи.

Ја реконструиравме спортската сала во Крушево, целосно ја опремивме и ја проширивме нејзината намена, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Оваа сала ќе служи и на посетителите на Крушево, но и на спортските клубови кои негуваат многу успеси, иако во изминатите години немале простор за тренинг и натпревари заради руинираноста на салата и неодговорноста на властите.

Завршува реконструкцијата на горната училишна зграда која ќе ја опремиме и оспособиме во младински културен центар, а во тек е асфалтирање на пат и уредување на просторот околу спортските игралиште до викенд зоната Крушевско Езеро. Саниравме 24 локални улици и со тоа ја подобруваме сликата за градот која заедно со набавка на камион за отпад, камион за метење и чистење – метларка, трактор со плуг за снег, 400 корпи за отпад, 30-тина контејнери, ровокопач и нов камион за територијалната против пожарна единица општината ја правиме почиста, побезбедна, уредена во време на големи снегови и со поголема ефикасност во службата кон граѓаните.

Започна изградба на вечното почивалиште на Тоше. После долги години лаги и невоља на претходните власти барем малку да се оддолжиме на овој човек нашиот Тоше добива достоинствено гробно место.

По 3 децении ветувања заедно со општина Долнени конечно го асфалтираме патот од село Борино кон Житоше. Во село Борино го изградивме резервоарот за вода и го решаваме проблемот на водоснабдување. Асфалтиравме пат до село Јакреново, пат кој не беше саниран од 1994 година, и започнуваме со асфалтирање на пат до Саждево во должина од 2 и пол километри.

Ги саниравме сите подрачни училишта, во с. Бучин отворивме градинка и го поврзуваме ова село со општина Кривогаштани со асфалтен пат во должина од 10 километри, градиме игралиште во Алданци, а во моментов течи изградбата на цевковод во село Саждево и фекална канализација, прва фаза во село Норово, а обезбедивме средства за изградба на резервоар за вода во с. Белушино. Наша цел е населените места да се развиваат паралелно со градот и во тоа успеваме.

Ги подобруваме условите за градење и привлекување нови инвестиции во Крушево. Со изработката на деталниот и генералниот урбанистички план ќе создадеме развојна зона и зона за градење во Крушево, а ќе ги изработиме и урбанистичките планови за селата.

Ја проширивме и индустриската зона Опаленик, со две нови парцели за два нови инвеститори и за скоро го објавуваме огласот за овие парцели. Ја завршивме и првата фаза од проектот „Зафаќање на води” кој ќе обезбеди вода за фабриките во и околу индустриската зона, а завршувањето на овој проект е дел од годишната програма на Министерството за животна средина за 2020 година.

Најавуваме реконструкција на патните правци кон Кривогаштани, Демир Хисар и Пуста Река, заедно со уште поинтензивна градежна офанзива во санацијата на локалните улици.

Општина Крушево денес е општина за сите. Без долгови, со функционални институции и ветени проекти кои се реализираат. Крушево секој ден се менува. Продолжуваме понатаму.

Треба да знаете
Последни објави