Search

За утре закажани феминистички протести во Франција против реконструкцијата на Владата

За утре се закажани феминистички протести во повеќе градови во Франција против реконструкцијата на владата по назначувањата на Жералд Дарманиан, обвинет за силување, за министер за внатрешни работи и Ерик Дипонд-Морети, кој беше многу критичен за движењето #MeToo, за министер за правда, јави дописникот на МИА.

Во Париз, демонстрациите треба да се одржат пред Градското собрание од 18 часот по полноќ, на повик на феминистичкиот колектив на жени студенти на Универзитетот во Париз-I, поддржан од колективот # Ситение.

-Три години по #MeToo, Француската држава уште еднаш покажа дека благосостојбата и безбедноста на жените не се приоритет. (…) Каква порака им испраќа француската влада на жените кои се двоумат да поднесат тужба за силување? , пишуваат организаторите на Фејсбук.

Повеќе од 1000 лица веќе најавија попладнево на социјалната мрежа дека имаат намера да учествуваат. Од вторникот, при примопредвањето на власта помеѓу Кристоф Кастанер и Жералд Дарманиан, феминистките спроведоа неколку герила акции, извикувајќи „Дарманиан силувач” носејќи плакати на кои пишуваше: „Дарманиан во внатрешни работи, вие се бришете со нашите поплаки”.

Во Лил, каде стотина луѓе веќе се мобилизираа во вторникот навечер на „Плоштадот на Републиката” за да ја осудат „реконструкцијата на срамот”, закажан е нов протест на плоштадот за да се побара „оставка” на двајцата министри. Предвидени се други собири пред судовите во Марсеј и Гренобл, во Рен, во Анжер, како и во Нант и Каен.

Новиот министер за внатрешни работи изутринава изјави дека има три судски решенија, дека две прелиминарни истраги биле затворени без резултат и двајца истражни судии го ослободиле од обвиненијата.

Жералд Дарманиан беше обвинет во 2017 година за силување од страна на Софи Патерсон-Спац, која побара од него помош во 2009 година, кога тој беше менаџер на проекти во одделот за правни работи на УМП (партија која стана ЛР), во обид да и помогне да се поништи пресуда од 2004 година за уцена и злонамерен повик против поранешно момче. Според нејзините изјави, Жералд Дарманиан и ја ветил поддршката, и се почувствувала принудена на секс. Жералд Дарманин го призна сексуалниот однос со оваа жена, но според него таа своеволно се согласила на истиот.

Првично затворена за јавност, постапката против Жералд Дарманиан, повторно беше отворена од Апелациониот суд во Париз, кој побара нови истраги на почетокот на јуни.

На Ерик Дипонд-Морети феминистичките движења  му забележуваат за изјавата од 2018 година кога рече„дека свиркањето по жени станува кривично дело, тоа е да се симнеш од умот”, и тоа во периодот кога се расправаше за создавање на кривично дело сексистичка навреда.

Треба да знаете
Последни објави