Search

За само 2.5 години,од општина со долг од 18 милиони евра, Карпош сега е урбана и зелена општина

Прес конференција, Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош

 „Две години Карпош пулсира во духот на урбаното, зеленото и домаќинското работење. Секојдневно работиме на надоместување на изгубеното зеленило и заштита на животната средина.

Затоа, изминатиов период засадивме повеќе од 300 висококвалитетни дрвја, рамномерно по сите урбани заедници. Започнавме со чистење на децениските депонии и веќе ги затворивме критичните точки кај мостот „Газела”, во близина на С.Ц. „Борис Трајковски”, во Злокуќани, кај фудбалското игралиште, како и депонијата во Бардовци, покрај течението на реката Лепенец.

Започна изведбата и на еден од најголемите проекти во мојата програма, Спортско – адреналинскиот парк, кај алпинистичката карпа, долж Кејот на реката Вардар. Тука ќе добиеме ново зеленило, нови игралишта за спорт, детски парк, сквер и адреналински содржини. По изведбата на овој дел, продолжуваме со уредување на зеленилото до бунарите на реката Лепенец.

Јавниот простор го хуманизираме, а не го узурпираме! Потврда на ова е и новото инклузивно игралиште во Влае 2, до платото „Делфина”, новиот урбан парк – скер меѓу Тафталиџе 2 и Нерези, парковите за миленици долж Кејот на Вардар и Влае, фитнес зоните во Карпош 4 и под алпинистичката карпа…

Добивме нов објект на градинка во Тафталиџе 2, како и целосно нова градинка во Бардовци. Се грижиме за сеопфатна детска заштита и инклузивно основно образование. Затоа отворивме и сензорни соби за ученици со попреченост во „Димо Хаџи – Димов” и „Вера Циривири – Трена”, а на вакви простории работиме и во „Лазо Трповски” и „Аврам Писевски”.

Карпошани купуваат по пониски цени во повеќе од 250 бизниси во Карпош, благодарејќи на картичката Мој Карпош, која беше дел од изборната програма.

Целосно е обновено игралиштето „Сокол”, во Карпош 1, а го рестартиравме и истоимениот меморијален турнир кој е симбол на маалската дружба. Во делот на спортската инфраструктура, создадовме и нови терени во училиштата „Војдан Чернодрински” и „Јан Амос Коменски”, а ја саниравме и спортската сала на „Владо Тасевски”.

Продолжуваме со подобрување на инфраструктурата. Нов лик добија улиците „Даскал Камче”, „Њуделхиска”, „Варшавска”, „Трифун Бузев” и „Карпошово востание”. Градот Скопје пак целосно ги обнови улиците „Московска”, „Љубљанска” и голем дел од булеварот „Партизански одреди”.

Во претстојниот период целосно сме фокусирани на обнова на спортската сала „Партизан”, во Карпош 4. Ова е култен спортски објект, кој повторно ќе биде со намена за спорт и рекреација.

За највозрасните, го подготвуваме проектот за Хумани патроли – бесплатна здравствена заштита и нега во нивните домови. Исто така, во процес сме на решавање на проблемот со паркирање, со тоа што ќе организираме анкета – граѓаните да одлучат дали се за регулација или не.

Драги сограѓани,

Општината ја преземав со долг од 18 милиони евра. Локална самоуправа која беше во финансиски колапс, симбол на криминалното работење, со изгубена доверба од сите страни. Но, наместо оправдувања понудивме работа.

Докажавме дека може поинаку! Додека ВМРО-ДПМНЕ и Стевчо Јакимовски се смеат на користењето на грантови и донации, слободно можам да кажам дека тоа е одраз на домаќинско работење.

Деновиве не обвинуваа дека Карпош бил како невладина организација. Да, чудно им е да се работи чесно, без профити и полнење на џебови. Тие не беа научени на подготовка на проектни апликации за добивање на неповратни средства, туку единствено фокусирани на расипничко трошење на парите на граѓаните.

Ова не се само празни флоскули, напротив, сето  ова е констатирано и во Извештајот на Државниот завод за ревизија, кој јавно го презентирав и го доставив до Основното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција. Во оваа прилика, повторно повикувам на одговорност за секој кој сторил криминал!

Денеска Карпош се бори за секој денар, се негува соработка со приватниот и граѓанскиот сектор, а ја враќаме и довербата кај целокупната јавност. Градиме заедница која одговара на потребите на граѓаните, а не на урбаната мафија. Убеден сум дека можеме и повеќе и подобро. Но, во изминативе две години целосно се вложивме Карпош да го врати својот сјај.

Со љубов за Карпош. Продолжуваме заедно.“

Треба да знаете
Последни објави