Search

За подобро утре за сите деца мора општеството да вложи енергија

Светскиот ден на детето, 20 ноември е глобален ден за акција „за децата”. Тој ден го славиме детството и размислуваме за огромната одговорност што ја имаме како општество да создаваме услови за нашите деца да просперираат и да го создадат светот во кој ние би сакале да живеат како возрасни во иднина, стои во пишаната изјава на претставникот на УНИЦЕФ во Скопје, Бенџамин Перкс.

Размислуваме на многуте предизвици за децата во земјава, во однос на смртноста на новороденчињата, детската сиромаштија, загадувањето на воздухот и исходот од образованието. Исто така сме сигурни дека со новите реформи што ги усвои владата, а кои ги поддржуваат ЕУ, Светската Банка, УНИЦЕФ и други партнери на ОН, како и граѓанското општество, ќе се подобри состојбата на децата во земјата. Во нив спаѓаат целта да се зголеми опфатноста на предучилишно образование за 50 отсто, „Акцискиот план за секое новороденче”, кој има за цел да ја намали смртноста на новороденчињата и да обезбеди сите бебиња да опстанат и да се развиваат, воведувањето мерки за унапредување на основното и средното образование и реформа на системот за социјална заштита со цел да се изнајде подобро решение за детската сиромаштија, посочува Перкс.

Според него, за да се создаде подобро утре за сите деца мора општеството да вложи енергија и да се посвети. Тој упатува апел до лидерите и граѓаните да сторат сѐ што можат за да создадат општество кое навистина им одговара на децата.

Треба да знаете
Последни објави