Search

За измените на Законот за заштита од заразни болести прво ќе се расправа на собраниските комисии

Во Собранието на Република Северна Македонија попладнево пратениците со 60 гласа „за” и 32 „воздржани”, без глас „против” се согласија измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, да се донесат по скратена постапка. Оваа точка од 13-та, на предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошовски, беше ставена прва на дневниот ред, но по неа Собранието ќе расправа откако таа ќе помине на седници на ресорните собраниски комисии. Дури потоа измените и дополнувањата повторно ќе се најдат на пленарна седница за усвојување.

-Законот за заштита на населението од заразни болести ги уредува мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обвските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести. Во услови за постоење на пандемија од Коронавирус COVID-19 се наметна потреба од доредување на законските решенија во насока на предвидување на здравствени установи во кои ќе се лекуваат лицата заболени од оваа заразна болест, како и нови поголеми овластувања за надлежните инспекциски служби да вршат инспекциски надзор над мерките наредени во согласност со членот 58 став 1 од овој закон, стои во образложението на предложените измени и дополнувања.

Предлог за измени и дополнувања на истот закон вчера доставила и опозицијата, но таа точка не се најде на дневен ред на оваа седница. За ова, објаснување од претседателот на Собранието Талат Џафери побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и предложи со таа точка да биде дополнет дневниот ред, што не беше прифатено од мнозинството пратеници.

Џафери појасни дека не можел да ја стави на дневен ред оваа точка, поради тоа што таа била изготвена само на македонски јазик, па согласно законот за употреба на јазиците предлогот е даден да се преведе. Оваа точка, рече Џафери ќе биде ставена на дневен ред на седница која ќе се одржи на 29 октомври кога ќе биде ставен и ребалансот на Буџетот.

Опозицијата предлагаше формирање нова комсија за заштита од болести.

-Бараме формирање на посебна комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието и ќе треба да придонесе за ставање под контрола на ситуацијата со Ковид-19, којашто секојдневно се влошува, рече Мицевски.

Составот на комисијата, на предлог на Владата, ќе го избира Собранието, а таа се предвидува да биде составена од 11 члена: по функција ќе членуваат министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист.

По утврдувањето на дневниот ред, кој на предлог на пратеникот Сурија Рашиди, беше дополнет со точка за измени и дополнувања на Изборниот законик, пратениците усвоија повеќе предлог закони меѓу кои и Законот за спречување и заштита од дискриминација.

По останатите точки кои се на дневен ред, а се носат во скратена постапка, како што се и измените и доплнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, ќе се расправа на продолжение на оваа седница откако тие ќе поминат на работните тела. Продолжението на седницата, како што рече претседателот на Собранието Џафери  ќе биде дополнително закажано

Треба да знаете
Последни објави