Search

Зајакнување на дијалогот меѓу платежните агенции во ЕУ за подобри резултати од заедничката аграрна политика

Автоматизација на распределбата на земјоделските субвенции, олеснување и поедноставување на исплатата и унапредување на домашните фарми, се приоритетите на кои треба посветено да се работи во наредниот период, рече директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, на 45. конференција на директори на платежните агенции во ЕУ што се оддржа во Букурешт, Романија.

Бабовски нагласи дека земјава мора да се прилагоди кон заедничката европска земјоделска политика.

-Само со осовременување на земјоделството и со воведување нови технологии домашниот агро сектор може да се развива и унапредува. Европските фондови и ИПАРД прогрмите се од клучно значење во модернизација на домашните земјоделски и преработувачки капацитети, потенцира Бабовски, додавајќи дека размената на искуства и поддршката во овој сегмент се од исклучително значење.

Дел од претставниците на ЕУ порачаа дека сите земји членки, вклучувајќи ги и земјите кандидатки, треба да се фокусираат на производство на здрава храна, поголем број органски производи и користење обновливи извори на енергија.

Според претседателот на Советот и министер за земјоделство и рурален развој на Романија, Петре Даеа, повеќе од потребна е здрава храна за сите, но, паралелно, мора да се води сметка за заштита на животната средина.

-Минатата недела, во Сибиу, нашите водачи ја потврдија важноста на унитарниот пристап кон климатските промени. Иако главната цел на земјоделството е да обезбеди безбедност на храна во Европа, земјоделството и шумарството може да придонесат за исполнување на амбициозните цели на ЕУ за животната средина. Денес разговаравме како можеме да ги охрабриме и да ги подготвиме нашите земјоделци да се соочат со овој предизвик, рече Даеа.

На конференцијата, освен за земјоделство, се разговараше и за зголемување на економскиот раст, зајакнување на конкурентноста, европскиот повеќегодишен буџет и неговото управување.

Македонската делегација предводена од директорот Бабовски и неговиот заменик Авдул Селам Селами оствари повеќе билатерални средби кои се од клучно значење за земјава на патот кон ЕУ.

Конференцијата на директори на платежни агенции се одржува двапати годишно во рамки на ротирачкото претседателство на Советот.

Треба да знаете
Последни објави