Search

Заштитата на небото од страна на соседните земји претставува пријателска солидарност од земјите на НАТО

Северна Македонија наскоро станува 30-та земја членка на НАТО. Денеска и утре во Лондон се одржува Самитот на Алијансата, на  кој се кој се одбележува 70-години НАТО, а владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе седне на иста маса со лидерите на земјите-членки.

Како во евроинтегративниот процес, така и на патот кон НАТО, Словенија и Бугарија се поддржувачи на нашата земја. Со поранешните министри за одбрана на Бугарија и Словенија, Велизар Шаламанов и Роман Јакич, меѓу другото зборувавме за најавата за штитење на небото на Северна Македонија од страна на Бугарија и Грција, како и за француското „не” за почеток на преговори со Унијата.

За Бугарија е чест да го штити македонскиот воздушен простор

Најавено е дека Бугарија и Грција ќе го штитат македонскиот воздушен простор, а како што посочи Шаламанов, тоа претставува чест за Бугарија. Софија соопшти дека земјата ќе набави борбени авиони „Ф-16″, што е услов, како што рече бугарскиот премиер Бојко Борисов, за неговата земја да го штити македонското небо.

Шаламанов наведе дека суверенитетот на воздушниот простор на Северна Македонија станува дел од суверенитетот на воздушниот простор на НАТО и во мирнодопски услови, на Сојузната команда на операциите.

– Сите држави што не располагаат со воена авијација можат да се обратат до воената команда и да побараат соработка со други земји на НАТО. Најсоодветно е Северна Македонија да биде потпомогната од соседите Грција и Бугарија. Тоа за нас е чест да бидеме во таква позиција. Според договорот што се базира на ротационен принцип, со наши авиони, заедно со Грција, ќе успееме да го гарантираме воздушниот простор, истакна Шаламанов.

Тој нагласи дека она што е суштински важно, според него, е брзо развивање на системот за радио-локациско управување и заштитена комуникација земја-воздух.

– Тоа е чекор што ќе биде меѓу НАТО и Северна Македонија. Со таа промена, вашата држава ќе биде одговорна за наведување на авионите што ќе патролираат над вашето небо од Грција и Бугарија, потенцираше Шаламанов.

Јакич, во врска со најавата за штитење на македонското небо од страна на Софија и Атина, порача дека тоа претставува пријателска солидарност од државите на НАТО.

– Откако Словенија во 2004 година стана членка на НАТО, нашиот воздушен простор го покриваат две соседни пријателски држави, Италија и Унгарија. Тоа НАТО го први за сите мали држави кои немаат воздушен капицитет со цел да ја покријат Алијансата како целина. Словенија тоа го добива од солидарност од НАТО од две пријателски земји, така што понудата за Северна Македонија од страна на Грција и Бугарија јас мислам дека треба да ја профатите со „двете раце”, затоа што тоа е баш знак на пријателска солидарност од државите на НАТО, истакна Јакич.

Придобивките од членството во НАТО се огромни – на прво место е безбедноста

Видни се придобивките од членството во Алијансата. Зголемување на безбедноста, зајакнување на воениот капацитет, подобрување на билатералните односи, а како што коментира Јакич, безбедноста е една од најпосакуваните добра кои луѓето ги бараат.

– Членството во НАТО дава повеќе придобивки. Прво безбедноста, тоа најмногу им значи на луѓето. Ѓраѓаните сакаат да бидат безбедни и да бидат во општество во кое важи петтиот член од Договорот. Што значи ако која било држава од НАТО е нападната, нападната е цела Алијанса, зборувам не само од воен аспект, туку и од кибер-аспект и од други аспекти. Безбедноста носи повеќе инвестиции и туризам, односно на некој начин се ставата на мапа на држави кои се безбедни и во овој многу турбулентен свет, безбедноста е една од оние најпосакувани добрини кои луѓето ги бараат. Секако добивате подобра билатералност, подобра соработка во внатрешноста на НАТО, констатираше поранешниот словенечки министер за одбрана.

Француското „не” за ЕУ негативен пример за регионот

Северна Македонија ги направи сите потребни реформи за добивање на датум за преговори, сепак Франција одлучи земјата да не ги започне преговорите, што, како што оцени Јакич, претставува негативен пример за целиот регион.

– Што се однесува до ЕУ, се што досега направи Северна Македонија, го направи како што треба. Се држеше до договорот, почна да го реформира својот состав и за жал дојде до одлуката во октомври оваа година каде поради француското „не” на некој начин се блокираше работата, но тоа не значи работата нема да оди понатака. Мислам дека веќе новиот франциски предлог покажува дека и Французите сфатија дека тоа „не” беше негативно, не само за Северна Македонија, како држава која се држеше до договорот и која работеше на реформи, туку дека тој акт на Макрон беше и негативно примен во целиот регион и влијаеше на целиот регион негативно. Значи ги поттикна оние сили кои се против ЕУ, против НАТО, а на некој начин ги разочара прогресивните сили, кои се и во македонската Влада, која сака да оди на тој пат на евроатлантските асоцијации, оцени Јакич.

Шаламанов повторно ја потврди бугарската поддршка за Северна Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

– Ние сме импресионирани од тоа што ги направи Северна Македонија на патот за интеграција во НАТО и интеграција во ЕУ. Бугарија цврсто стои зад евроатлантската иднина на Северна Македонија. Во ЕУ ние инциравме фокус врз Западен Балкан и ќе продолжиме во таа насока, рече Шаламанов.

Нациите стануваат подигитални, а ризикот од кибер-напади се зголемува

Земјите интензивно работат на усовршување на безбедноста на тоа поле. Во последно време во меѓународната заедница растат тензиите дека последните случувања, меѓу кои и недобивањето датум за преговори на Северна Македонија со ЕУ, го зголемува руското влијание на Балканот, а Шаламанов во разговорот со МИА коментира дека тоа е крајно негативно.

– Руското влијание во регионот е видливо и е насочено кон меѓусебна поделба, односно спречување на развојот на ЕУ и НАТО. Руското влијание е крајно негативно и ние мора да работиме заедно за да му се спротивставиме. Од друга страна треба да работиме тесно со ЕУ и НАТО за решавање на тоа прашање и тоа е еден од најважните аспекти за интеграцијата. Сакам да кажам дека додека државите од регионот не разберат колку негативно може да биде тоа влијание врз развојот на регионот, во пракса нема да има доволно високо ниво на доверба од страна на ЕУ и НАТО за побрза интеграција на регионот, рече поранешниот бугарски министер.

Тој посочи дека во однос на проблемите со кибер-безбедноста нашето развивање зависи многу од новите технологии, вклучително и од 5-Г технологиите.

– Прашањата за кибер-безбедноста се од исклучителна важност и на национално ниво и во НАТО и во ЕУ. Тој аспект од интеграцијата е исклучително важна и во врска со тоа Бугарија многу се потпира на заеднички проекти, што се во рамките на НАТО и ЕУ. Од тој аспект се радуваме што Северна Македонија ќе биде дел од тие проекти, поради тоа што поврзаноста на регионот е едно огромно достигнување, заклучи Шаламанов.

Словенија и Бугарија станаа членки на НАТО во 2004 година, а Северна Македонија, до полноправно членство во Алијансата ја дели само една ратификација на Протоколот, онаа од Шпанија.

Треба да знаете
Последни објави