Search

Зариф ја повика Јапонија да дејствува за да го заштити нуклеарниот договор со Иран

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф ги повика сојузниците на САД, како Јапонија, да преземат акција за заштита на нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, јави ДПА.

Зариф, кој во Токио се сретна со шефот на јапонската дипломатија Таро Коно, изрази надеж дека Јапонија и другите сојузници на САД ќе преземат „практични мерки за одржување на овој важен меѓународен договор”.

Зариф и Коно се сретнаа еден ден откако Вашингтон им нареди на вработените во американската амбасада во Багдад и американскиот конзулат во Ербил, Курдистан, да го напуштат Ирак поради ескалација на тензиите меѓу САД и Техеран.

Иранскиот министер за надворешни работи изјави дека ескалацијата е „неприфатлива” и ја повика меѓународната заедница да се изјасни против Вашингтон за да го заштити договорот.

– Ако меѓународната заедница има корист од овој историски договор, мора да биде подготвена да инвестира во овој историски договор и да ги спречи САД да шират незаконитост и беззаконие, рече Зариф.

Иран минатата недела соопшти дека ќе почне да се повлекува од дел од нуклеарниот договор со светските сили. Овој потег дојде точно една година откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да се повлече од договорот и да ги врати тешките економски санкции врз Техеран.

Треба да знаете
Последни објави