Search

Зариф: Иран ќе ја продолжи соработката со глобалните партнери за да ги неутрализира американските санкции

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф изјави денеска дека Иран ќе ја продолжи соработката со своите глобални партнери со цел да се неутрализираат американските санкции кон земјата.

– Иран ќе продолжи да соработува со Европа за да може да го спроведе системот за посебни намени што европските земји го осмислуваат за трговија со Иран и покрај заканите на Вашингтон кон Техеран, изјави Зариф на маргините на состанокот со индискиот министер за сообраќај во Њу Делхи.

Тој додаде дека Иран исто така ќе соработува со своите традиционални партнери за да се задоволат интересите на Иранците.

Зариф побара од Европејците да ги забрзаат напорите за довршување на механизмот на системот за посебни намени.

Во придружба на висока политичка и економска делегација, Зариф денеска допатува во Њу Делхи, каде што ќе разговара со индиските власти.

САД повторно воведоа санкции за Иран, вклучувајќи ги и оние за извоз на нафта и за банкарскиот сектор, откако во мај минатата година се повлекоа од историскиот ирански нуклеарен договор.

Вашингтон, сепак, се согласи осум земји, меѓу кои и Индија, привремено да продолжат да купуваат иранска нафта.

Треба да знаете
Последни објави