Search

Зариф: Иран нема да се врати на преговарачка маса

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф денеска изјави оти американскиот претседател Доналд Трамп се лаже ако мисли дека Иран ќе се врати на преговарачката маса.

Неговата изјава уследи откако Трамп ги демантираше медиумските наводи дека во неговиот надворешнополитички тим има несогласувања за заострената реторика и притисоци врз Иран.

– Сите страни, ставови и политики се покриени. Сигурен сум дека Иран наскоро ќе сака да разговара, напиша Трамп на Твитер.

Според дел од американските медиуми, постојат навестувања дека американскиот државен секретар Мајк Помпео и советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон не гледаат  на ист начин на политиката на САД кон Иран и Блискиот Исток.

Трамп на Твитер наведе дека постојат различни мислења, но додаде дека, кога станува збор за донесување конечна одлука, се работи за „многу едноставен процес”.

Тензичните односи помеѓу Вашингтон и Токио дополнително се зголемија откако Иран на 8 мај најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.

САД минатата недела испратија носач на авиони „Абрахам Линколн”, единица бомбардери Б-52, амфибискиот воен брод „Арлингтон ЛДП-24″ во Персиски Залив, а исто така соопштија дека ќе распоредат системи за противвоздушна одбрана со долг дострел „Патриот”во зоната на Централната команда на армијата на САД (ЦЕНТЦОМ), првенствено задолжена за Блиски Исток и Централна Азија.

Распоредувањето на оружје, според Пентагон е „одговор на индикациите за зголемена подготвеност на Иран да изведе офанзивни операции против воените сили на САД и американските интереси”.

Треба да знаете
Последни објави