Search

Заразеното дете три дена одело во градинката во Струмица, 11 дечиња ставени во изолација

Во клон на градинката „Детска радост“ во Струмица вчера беше потврден прв позитивен случај на ковид-19 кај петгодишно дете, а во градинката се преземаат сите мерки за  заштита на децата кои биле во контакт со заразениот.

Како што потврди Васил Бубев, директор на ЈОУДГ „Детска радост“ за „Слободен печат“ , петгодишното дете градинката ја посетувало само три дена.

-Детето ја посетувало нашата градинка во деновите среда, четврток и петок, а од понеделник не било носено на градинка. Согласно констатацијата на епидемиолог, детето е заразено во контакт со позитивен на Ковид-19 член на фамилијата, вели Бубев.

Според него, вчера добиле известување од родителот на детето дека во нивното потесно семејство имаат лице позитивно на ковид-19 и дека во текот на денот цело семејство ќе биде тестирано, а по добиената информација одговорното лице за постапување во градинката веднаш стапило во контакт со службата на ЦЈЗ Струмица и постапи согласно Алгоритамот.

Бубев додава дека набргу по ова е извршена дополнителна дезинфекција во градинката, како и тоа дека 11 дечиња се ставени во изолација.

-На увид пристигна епидемиолошката служба на ЦЈЗ, која утврди дека во градинката се почитуваат сите мерки и препораки согласно Протоколот за работа и даде насоки за изолација на 11 дечиња кои престојуваа заедно со детето позитивно на ковид-19, изолација на воспитно- негувателскиот кадар од групата и вонредна дезинфекција која се изврши веднаш по заминување на дечињата од групата , додава Бубев.

 

Треба да знаете
Последни објави