Search

Започна ФинХакатон2:МојДДВ#МојаНаграда

 Од денеска до недела во Министерството за финансии, во заедничка организација со Фондот за иновации и технолошки развој, осум тима ќе треба да одговорат на предизвикот на ФинХакатон2:МојДДВ#МојаНаграда – да креираат иновативвна маркетинг стратегија за #МојаНаграда. Како што истакна министерката за финансии Нина Ангеловска презентирајќи го предизвикот пред тимовите, целта на #МојаНаграда е преку иновативни решенија да се влијае на граѓаните да земаат фискални сметки и со тоа да се намали сивата економија.

-Пет месеци е во функција мобилната апликација МојДДВ и таа ги дава резултатите. Наплатата на ДДВ е зголемена, има 180.000 граѓани кои активно скенираат околу 8 милиони фискални сметки месечно, или на дневно ниво 230-250.000 сметки. Со наградната игра одиме чекор понапред, да го зголемиме бројот на корисници, како и на скенираните сметки – рече Ангеловска.

Таа посочи дека Европската комисија ги објавила најдобрите примери на земји кои се избориле со сивата економија преку наградни игри, и дека ваквата пракса почнува од 1960 во Тајван, каде направиле лотарија со сметки, по чие спроведување наплатата на данокот се зголемила за 30 отсто.

Ангеловска на презентацијата рече дека наградната игра ќе започне во декември, како и дека ќе има мал редизајн на мобилната апликација МојДДВ каде ќе бидат вклучени месечните, тримесечните и дневните извештаи на скенирани сметки. Ќе има и форма за пријавување на нерегуларности, односно ќе има копче преку кое ќе може веднаш да се пријави нерегуларноста ако не се добие фискална. И Ангеловска и директорот на ФИТР Јован Деспотовски истакнаа дека ФинХакатонот е одлична можност за младите да се афирмираат и да се развие кај нив претприемничкиот дух.

-Ме радува што нашата заедничка иницијатива со Министерството за финансии за ФинХакатон2 ги охрабри во најголем број студентите по маркетинг, графички дизајн и сродните науки. Од вкупно пријавени 8 тимови, имаме дури пет од академијата Бреинстер како и од три маркетинг агенции кои во своите тимови вклучија по тројца студенти. Ова е уште еден мотив да продолжиме со Владата да нудиме различни решенија и проекти. Со ова им покажуваме на младите но и на бизнис секторот дека го вреднуваме нивниот талент и работиме континуирано младите креативноста да ја споделат дома бидејќи имаат реална шанса да дојдат до работен ангажман – рече Деспотовски.

„ФинХакатон2″:МојДДВ,#МојаНаграда е наменет за маркетинг агенции и други домашни компании регистрирани согласно законот за трговски друштва, кои може да понудат иновативна маркетинг стратегија. Со цел поддршка на младите, заинтересирани компаниите во својот тим мораа да вклучат и студенти со запишани студии од областа на економија, право, организациски студии, дизајн, односи со јавност или сродни студии.

Од хакатонот треба да произлезе иновативна маркетинг стратегија за следните 12 месеци за брендирање, предлог концепт, дизајн, креатива, видео концепт, предлог за извлекувањата и прогласување на победниците за наградната игра “МојДДВ, #МојаНаграда”. Буџетот за имплементирање на стратегијата за победничкиот тим ќе изнесува 2 милиони денари.

Треба да знаете
Последни објави