Search

Започна тридневниот спортски камп за спорт за развој во Крива Паланка

На повеќе спортски локации во Крива Паланка, од денеска до недела, ќе се реализира отворен камп за млади од руралните средини во реонот на општината на тема „Спорт за сите-Спорт за развој”.

Првиот ден од кампот, на кој учествуваа четириесетина деца од подрачните училишта „Јоаким Крчовски” и „Илинден” и ученици кои престојуваат во интернатот  „Боро Менков”, беше наменет за социјална инклузија и постигнување родова еднаквост преку пинг-понг, а го реализираа интернационалните инструктори за спорт за развој, Кеида Уштеленца од Универзитетот за спорт во Тирана и Надица Јовановиќ од ТАКТ, Скопје, заедно со менторот Мартин Стаменковски од пинг-понгарски клуб „Крива Паланка 2007″.

– Кампот започна со вежби за загревање и вовед во денешната тема, социјална инклузија и родова еднаквост преку спорт, пинг-понг, за која дечињата учеа низ разни игри од спорт за сите, низ дружење и заеднички активности, низ показни примери и едукација од страна на инструкторите, согледувајќи ја важноста од почитување на различностите, прифаќање на другите, важноста на спортот и играта за правилен развој, истакна Магдалена Спасовска, извршна директорка на Здружението за унапредување на меѓусебна доверба,ТАКТ.

Секој од учесниците имаше можност да проследи и да учествува во пинг-понг тренинг, со кој раководеше менторот, прволигашки натпреварувач и тренер, Мартин Стаменковски.

Активностите се реализираа во салата на ООУ „Јоаким Крчовски”, зграда Партизан, а утре и во недела кампот продолжува во спортската сала „Бранители 2001″ и на градскиот стадион во Крива Паланка.

– Во наредните денови ќе работиме со тренери и ментори од локалното партнерство, кои преку ракомет и фудбал низ разни игри од спорт за сите, заедно со Кеида и Надица ќе ги опфатат темите: градење мир и другарство и здрави навики – здраво живеење, а целта на секоја од игрите и активностите ќе биде дефинирана и дискутирана со завршни рефлексии од обучувачите, додаде Спасовска.

Упати благодарност до раководителите на основните училишта и јавното претпријатие „Комуналец”, како и до локалната самоуправа за овозможените услови за реализација на кампот.

Треба да знаете
Последни објави