Search

Започна Етно Плоштад фестивал 2019 во Берово

Приредувајки прекрасен заеднички концерт пред преполниот плоштад во Берово, виртуозите на македонската музика Влатко Стефановски и Горан Алачки, синоќа го отворија 11-тото издание на првата фестивалска вечер од „Етно Плоштад фестивал 2019. Присутните уживаа во извонредните интерпретации од гитара и хармоника на „Македонско девојче”, „Јовано, јованке” и многу други, кои направија вистински убав амбиент на плоштадот „Димитар Беровски” во Берово.
-По пауза од 17 години повторно настапувам во Берово и морам да признаам треба почесто овде да доаѓам. Иако сум бил повеќе пати овде како турист ветувам дека својата грешка ќе ја исправам, рече Стефановски во воведниот говор пред беровчани и гостите од регионот.
Фестивалот го отвори градоначалникот Звонко Пекевски кој рече дека локалната самоуправа ќе продолжи да се стреми за што поголема афирмација на фестивалот во иднина.
-Преку ваквите манифестации чесно и објективно се вреднува вложената енергија и креативниот напор за создавање трајни вредности и нивно негување и се отвора можност на присутните да се запознаат со значењето на традицијата на ова подрачје која сите ние имаме должност да ја пренесуваме и понатаму, рече Пекевски.
На концертот на Влатко Стефановски и Горан Алачки во улога на придружен оркестар настапи и групата Етно Малеш, а исто така свои настапи имаа и младите играорци од Културно-уметничкото друштво „Димитар Беровски” како и диџеј „Сене”. Петдневната програма на Етно плоштад фестивалот продолжува вечерва со настап на Синтезис, „2 Бона” и „Штекица”.
Треба да знаете
Последни објави