Search

„Запознај ја Преспа“ на 15 и 16 јуни

Општина Ресен, заедно со невладината организација „Рурални жени од Преспа“ и Планинарското друштво „Prespa bike” за време на викендот (15 и 16 јуни) во Преспанскиот Регион организираат манифестација „Запознај ја Преспа“, настан кој има за цел преку дружење, спортски активности, трибини и промоции да ги поттикне и сплоти младите од регионот, пред сè од нашата земја и Грција и Албанија.

Проектот, кој за првпат се одржува во нашата држава, ја има поддршката од Агенцијата за млади и спорт (АМС) и е дел од активностите за кампањата „ЕУ за тебе“. Како партнери на настанот се и фармата „Духот на Преспа“ и НВО „Преспа ГРАД“ и „Екогерила Ресен“.

Манифестацијата в сабота почнува во 18 часот во Отешево, во хотелот Lake view со одржување на панел-дискусија на тема: „Европски придобивки за регионот Преспа – искуства и можности“, во организација на Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Програмата продолжува со концерт од 20 часот на кој ќе настапат „Нокаут“, албанската рок-група „Бла, бла, бла“, грчкиот реге-бенд Anima Nation, како и локалните групи „Инстикт“, „Реприза“ и Екстраваганца“.

Активностите в недела (16.6) почнуваат од 10 часот со велосипедска и планинарска тура на планината Галичица.
Со акција за садење дрвја, во која ќе учествуваат стотина млади од нашата земја, заедно со млади од Грција и Албанија, ќе биде обележана првата годишнина од преспанскиот договор, кој Северна Македонија и Грција го потпишаа на 17 јуни 2018 година.

Дел од организираните активности наменети за младите од регионот е и еколошката акција за чистење на околината на Преспанското Езеро.

В недела на плажата „Дупени Бич“ во селото Долно Дупени, од 12 до 17 часот ќе биде организиран Фестивал на храна, со дегустација на традиционална храна подготвена од „Рурални жени од Преспа“ и презентација на локални органски производи и јаболка организирани од фармата „Духот на Преспа“ и Општината Ресен.

Во рамки на активностите за претставување на преспанските уникатни убавини и културното богатство на нашата земја, од 12 часот ќе биде организиран и фолклорен настап, како и претставување на локални стартап-компании и ќе биде организиран турнир во одбојка, како и друга забава за најмладите.

Треба да знаете
Последни објави