Search

(Видео) Запленети 515 килограми марихуана на Богородица

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координирана акција со Министерството за внатрешни работи и Царинската управа заплени над 510 килограми марихуана, спакувана во 181 пакување со различна големина и тежина.

Дрогата е пронајдена при контрола на камион со скопски регистерски таблички на Граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија, во специјално направен бункер на кровот на приколката.

Возачот на камионот е лишен од слобода и по барање на надлежен обвинител во текот на денот ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, додека по едно лице се трага.

Пронајдената дрога во Република Македонија е влезена од Република Албанија, а била наменета за нарко пазарот во Република Турција. Според првичните информации се работи за меѓународна криминална група во која се вмешани државјани на Република Македонија, Република Албанија и Република Турција.

– По претходно дадени насоки, на ГП Богородица на излез од Македонија извршен е претрес во камион „Ман“и полуприколка –ладилник со скопски регистерки таблици, сопственост на правно лице, а управувано од З. А. (46) од Скопје. При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен- портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Во рамките на криминалистичкото истражување утврдено е дека во текот на ноември и декември, Д. С. (33) од Скопје набавил марихуана од Албанија со цел продажба во Турција, а го организирал и транспортот преку Македонија и Грција до територијата на Турција.  За реализација на транспортот, Д.С. за соодветен паричен надомест го ангажирал З.А.. Бункерот во возилото бил направен во Турција и оттаму З.А. го донел возилото во Скопје, каде веќе била подготвена марихуаната за транспорт.

-Во текот на вчерашниот ден, по издадени наредби од судија на претходна постапка,  извршен е претрес во домот на Д.С. во Скопје, со цел пронаоѓање и обезбедување на дополнителни материјални докази. Од извршениот претрес, пронајдени и одземени се едно возило Рено меган, мобилни телефони и бројна документација. Во текот на денешниот ден до обвинителството е поднесена   кривична пријава против Д. С. како организатор на транспортот и З. А. како транспортер на дрогата, за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.3 од Кривичниот законик на Р.Македонија- соопшти Ангеловски.

Треба да знаете
Последни објави