Search

Запален домот на српскиот новинар Милан Јовановиќ

Непознати лица синоќа околу три часот и 30 минути го запалија домот на новинарот на порталот „Жиг инфо” од Гроцка, Милан Јовановиќ.

Тој за порталот „Цензоловка” истакна дека непознати лица во текот на ноќта фрлиле Молотов коктел врз неговиот дом, а потоа почнале да пукаат врз влезната врата, за да не може да излезе. За време на нападот во домот биле Јовановиќ и неговата сопруга, кои запалената куќа ја напуштиле од задниот влез.

Јовановиќ и неговата сопруга при нападот не се потешко повредени. Тој наведе дека е убеден дека причината за нападот е поради неговите текстови.

– Нема да престанам да пишувам за крадците и за мафијата, па нека ме убијат, наведе Јовановиќ.

Тој истакна дека и претходно добивал закани поради неговото пишување за изградбата на канализација во Врчин, како и поради текстови за злоупотреба на положбата на претседателот на Општина Гроцка.

Тој наведе дека и двапати преку писмо се ги известил претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и министерката за правда Нели Кубуровиќ за притисоците врз него.

Полицијата соопшти дека го истражува случајот.

На социјалните мрежи се појави видео снимка како гори куќата на Јовановиќ.

Тоа не е прв напад на новинари кои пишуваат за порталот „Жиг инфо”. Во октомври беше нападнат и уредникот на „Жиг инфо”, Жељко Матрочевиќ.

Треба да знаете
Последни објави