Search

Западните сили и членките на ЕУ доминантно присутни во Северна Македонија

Старите или западните сили, како и земјите-членки на Европската Унија, имаат доминантно присуство во Северна Македонија, покажува Индексот за меѓународно присуство на Институтот Преспа, кој се изработува прв пат оваа година. Пресметката за 2019 година го покажува рангирањето на присуството на селектираните 24 држави споредено со истото за 2010, односно 2000 година.

Највисоко рангираните три држави од Индексот за меѓународно присуство, своето агрегатно присуство го искажуваат со 627,6 индексни поени кај Турција, 610,2 индексни поени кај САД и 600,3 индексни поени кај Бугарија.

– Со највисоко рангираните три држави се затвора и групата на 600+ државите. Вака поставениот подиум, тука особено двете највисоко рангирани држави во Индексот за 2019 година, говори за тоа колку Северна Македонија е геополитички атрактивна држава, нагласува Институтот Преспа.

По Турција, САД и Бугарија меѓу првите десет се Германија, Србија, Словенија, Италија, Обединетото Кралство, Хрватска и Албанија.

Само три од највисоко рангираните десет држави според Индексот за меѓународно присуство на Институтот Преспа, не се членки на ЕУ (Турција, Србија и Албанија), една не е членка на НАТО (Србија), односно четири не се наоѓаат помеѓу 50 најдобро рангирани држави на Индексот за демократија (Хрватска, Србија, Албанија и Турција), додека едната од нив (Турција) се наоѓа на границата на авторитарни режими.

Присуството на две од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН (САД и Обединетото Кралство) или три од глобалните играчи според групирањето направено во Индексот, само ја потврдува геополитичката атрактивност на Северна Македонија, велат од Институтот.

Присуството на Русија со 486,7 индексни поени, како и тоа на Кина со 467,5 индексни поени, додаваат од Институтот е далеку под нивото на другите глобални играчи, односно на САД, Велика Британија и на Турција.

Споредено со Индексот за глобално присуство на Кралскиот институт Елкано, воочлива е разликата кај Кина. Покрај видливото кинеско глобално присуство, Кина се наоѓа дури на 15 место, според Индексот за меѓународно присуство.

Највисоко рангираните десет држави, според истражувањето на Институтот Преспа, покажуваат доминација на земјите-членки на Европската Унија. Унијата е препознатлива како најголем пријател на државата за речиси една петтина од граѓаните, но забележливо е присуството на соседите, со три од петте директни соседи (Србија, Бугарија и Албанија) на листата, како и на државите од поранешна Југославија, повторно со три од седумте наследнички (Србија, Словенија и Хрватска) на листата.

Индексот се пресметува врз основа на објективни и јавно достапни податоци, меѓународна статистика, меѓународни организации, домашна статистика, податоци кои ги собираат и обработуваат национални институции, меѓународни бази на податоци, како и мониторинг на медиуми.

За потребите на индексот присуството се идентификува во три димензии, економско, политичко и меко или културно. Економското се оценува во неколку области – енергија, основни добра, преработки, услуги, странски директни инвестиции, дознаки, развојна помош. Оценката на политичкото се прави во однос на дипломатски односи, странски мисии, разменски посети, билатерална соработка, воена соработка. Мекото (културно) присуство се проценува во однос на миграции, туризам, култура, медиуми, социјални медиуми, технологија, наука и истражувања, образование.

Во однос на економското присуство за 2019 година на врвот на табелата се наоѓа Германија со 670,5 индексни поени, втори се САД со 584,5 индексни поени, а трета е Турција со 583,7 индексни поени. Првата петорка ја затвораат Обединетото Кралство со 559,7 индексни поени и Италија со 547,7 индексни поени.

– Распоредот на табелата и особено највисоко рангираните десет држави помагаат да се направат три заклучоци. Прво, економските врски се најсилни со соседните држави. Дури три од соседите (Бугарија, Србија и Грција) се наоѓаат помеѓу десетте највисоко рангирани држави во однос на економската димензија. Второ, развиените држави, стабилните демократии и државите на Западот се главните економски партнери и инвеститори во Северна Македонија. Ова се огледа во присуството на најголемата економија на ЕУ, Германија, која е неприкосновена на врвот во трите години на Индексот. Присуството на Италија, најголемата економија од јужна Европа, дополнително ги јакне врските. Трето, Турција е сериозен економски партнер на Северна Македонија. Нејзината препознатливост како таков во јавноста е потврдена преку повеќето од индивидуалните показатели и променливите на Индексот. Дополнително, имајќи ја предвид географската позиција на Турција, нејзините економски врски, како и други карактеристики, таа е главниот прокси партнер на Северна Македонија за државите од Блискиот Исток и арапскиот свет, се вели во истражувањето на Институтот.

Во однос на политичкото присуство за 2019 година Индексот за меѓународно присуство ја рангира на првото место Бугарија со 676,5 индексни поени. На второто место се наоѓа Турција со 645,2 индексни поени, а на третото место е Словенија со 609,5 индексни поени.

Првата петорка ја заокружуваат САД со 581,5 индексни поени и Германија со 522,6 индексни поени. Споредбено, највисоко рангираните десет држави кај политичката димензија соодветствуваат со општото рангирање за 2019 година. Единствено Обединетото Кралство не се најде помеѓу првите десет, а Русија за прв пат се појавува во топ 10 државите.

-Распоредот на табелата и особено највисоко рангираните десет држави помагаат да се направат три заклучоци. Прво, географската блискост и историските врски се примарни за остварување на присуство, а доминацијата на соседните држави (Србија, Бугарија, Албанија и Грција), односно на поранешните југословенски републики (Србија, Хрватска и Словенија) е повеќе од очигледна. Второ, геополитичката атрактивност на Северна Македонија се потврдува со појавувањето на Русија. Политичката димензија е едноставна, не бара силна економија и со малку државни инвестиции остварува забележително присуство. Ако кон ова се додаде постојаноста на учеството на САД, тогаш станува повеќе од јасно дека линијата на конфликтот на поранешниот државен секретар на САД, Џон Кери, јасно се исцртува. Трето, повлекувањето на официјален Вашингтон од цела Европа, ја става Германија во лидерска позиција. Без оглед на нејзиното економско присуство, како понатаму ќе се одвиваат работите кај нас и во регионот се повеќе е задача на Германија, се наведува во истражувањето.

Во однос на мекото присуство, на врвот на листата се наоѓаат САД со 712,2 индексни поени. Следува Србија со 705,3 индексни поени, со што се затвора листата на 700+, додека на третото место се наоѓа Турција со 661,6 индексни поени.

– Имајќи предвид за врските на оваа со економската димензија можеме да ги направиме следните три заклучоци. Прво, едноставно е да се одржува високо ниво на меко присуство кога си географски близок и имаш други врски како заеднички јазик, религија, историско минато и сл. Второ, јасната тенденција на Северна Македонија кон Европската Унија, како и процесот на пристапување само ќе ја подобри филтрацијата на резултатите кои се следат во рамките на оваа димензија што значително ќе го јакне европското, но и западното присуство. Трето, ако се имаат предвид врските со економската димензија, тогаш за очекување е во блиската иднина да видиме ново поместување таму и подобрување на рангирањето и присуството на старите демократии и западните економии, заклучуваат од Институтот.

Креирањето на Индексот на меѓународно присуство е резултат на проектот „Мерење на странското присуство и влијание во Северна Македонија” имплементиран од Институт Преспа, а финансиски поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).

Индексот на меѓународно присуство (International Impact Index) е синтетички индекс кој ги подредува, квантифицира и агрегира проекциите на различните држави во Северна Македонија. Концептот за проектот и истражувањето се создадоа како резултат на општиот успех на Индексот за глобално присуство, неговата методолошка основа и работата на Кралскиот институт Елкано, а беа продукт на директни консултации и соработка со Институтот.

Индексот за меѓународно присуство ги опсервирани следните држави. Од Западен Балкан Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора, од земјите-членки на ЕУ Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Романија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Австрија, Словенија, Шведска, Полска и Холандија, од глобалните играчи Обединето Кралство, САД, Русија, Кина и Турција.

Институт Преспа е независна тинктeнк организација, којa е посветенa на проучување, истражување и анализа на меѓународните односи и надворешната политика, како и за европски прашања и европеизацијата. Институтот се стреми да промовира знаење за моменталната состојба во Северна Македонија и Западен Балкан, како и да учествува во дебатата и генерирањето на идеи на европско ниво.

Треба да знаете
Последни објави