Search

Занаетчиска комора: Се уште не е исплатена финансиската помош за плата за октомври

Ние како Занаетчиска комора на Република Северна Македонија, во име на занаетчиите кои се паушално оданочени и кои се едни од најпогодените од оваа криза предизвикана од пандемијата COVID 19 би сакале да реагираме поради тоа што ветената помош од Владата, односно четвртиот сет мерки –финансиската помош за плата за октомври се уште не е исплатена на сметките на занаетчиите.

Занаетчиска комора на РСМ е претставник на 15 Регионални занаетчиски комори и ги застапува интересите на сите занаетчии од нашата држава пред сите надлежни институции. Кризата предизвикана од COVID 19 ги погоди занаетчиите до степен што тешко можат да опстанат без ветената помош од државата.

Занаетчиите имаат намален обем на работа, особено во овој период така што единствен излез и решение им е помошта од државата која ќе спречи затворање на голем број занаетчиски дуќани. Исто така, со оваа помош ќе се спречи зголемување на невработеноста.

Сепак и покрај одобрените апликации на занаетчиите, финансиската помош од Владата се уште нема стигнато на нивните сметки, додека пак помошта за плати на други фирми за месец октомври веќе е исплатена.

Уште еден проблем со кој се соочија занаетчиите е тоа што почнаа да им стигнуваат опомени за неисплатена плата за месец октомври од Управата за јавни приходи затоа што рокот за исплаќање на плата според законските регулативи е 15 ноември. Најголем дел од занаетчиите не се во можност сами да ја исплатат платата. Освен тоа веќе имаат потврден одговор на апликацијата што ја поднесоа за помош од државата. Тие сметаа на оваа помош која засега не ја добија.

Занаетчиска комора на Република Северна Македонија и нашите занаетчии се навистина благодарни на Владата и на надлежните министерства за одобрувањето на ваквата помош, но би сакале во најкраток можен рок да им биде исплатена помошта за месец октомври.

Исто така, занаетчиите би сакале навремено да им се исплати помошта за плата и за месец ноември без вакви доцнења и без опомени од УЈП.

Ние како Занаетчиска комора на РСМ будно ја следиме ситуацијата и сме информирани дека сите сите фирми што се фискализирани ги имаат добиено овие средства ги имаат добиено помошта од државата освен физичките лица што вршат занаетчиска дејност.. Во комуникација со сите Регионални комори информирани сме дека ниту еден паушално оданочен занаетчија ја нема добиено финансиската помош од четвртиот сет мерки од Владата.

Очекуваме одговор и дејствување од Владата, надлежните министерства и Управата за јавни приходи за да се реши овој проблем во најкраток можен рок.

Треба да знаете
Последни објави