Search

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски на конференција по повод 15 години од проширувањето на ЕУ во 2004

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска (9.4.2019) во Братислава учествуваше на панел дискусијата „Иднината на конвергенција и проширување“, во рамки на дводневната конференција „15-годишнина од проширувањето на ЕУ во 2004: Гледање назад, гледање напред“, организирана од Европски политички и стратегиски центар и Директоратот за економски и финансиски прашања (ДГ ЕЦФИН).

Заменик министерот Жерновски истакна дека Европската Унија е стратешка одредница на Северна Македонија.

„Како дел од европскиот континент, ние природно припаѓаме и гравитираме кон Европската унија. Европската унија е стратешки приоритет за Северна Македонија од нејзината независност и сега сме поблиску од кога било досега за да ги почнеме преговорите за пристап.“

Тој се осврна на придобивките од процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија за граѓаните, бизнисите и граѓанското општество. Во таа насока, ги истакна решавањето на билатералните спорови со Бугарија и Грција како предуслов, економските бенефиции од стабилизацијата на земјата, но и од членството во ЕУ како и растот на странските директни инвестиции.

„Постигнавме толку многу, ја зајакнавме мулти-етничката кохезивност во општеството, ја реафирмиравме довербата во државата, довербата во институциите, а постои и промена во политичката култура за инклузивно носење на закони, заедно со опозицијата и граѓанското општество”, истакна Жерновски.

Во своето обраќање, заменик министерот Жерновски зборуваше и за реформските процеси преземени од Владата на Република Северна Македонија.

„За да бидеме дел од тој напреден европски свет, мора да работиме на унапредување на нашата демократија преку структурни реформи. За целосно враќање на Северна Македонија на патот кон ЕУ, беа неопходни демократизација на општеството и владеење на правото. Република Северна Македонија ги започна овие процеси и испораката на резултатите од реформите е континуирана и дава видливи резултати.“

Тој накратко ги објасни Планот 3-6-9 и Планот 18, како и постигнувањата во областите: реформа во правосудството, реформа во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата, и реформа на јавната администрација.

Заменик министерот Жерновски се осврна и на улогата на Европската Унија и земјите членки во забрзување на процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека Владата работи ангажирано и очекува напорите да бидат признаени со датум за почеток на преговорите. Тој посочи на важноста на позитивната одлука на Советот на Европската Унија, како за Република Северна Македонија така и за целиот регион.

„Како никогаш досега, сме подготвени да влеземе во наредната фаза, а тоа е почеток на преговорите за пристапување”, заклучи Жерновски.

Треба да знаете
Последни објави