Search

Законот за ЈО, „билет” за ЕУ, денеска обиди за продолжување на дијалогот

Додека се ближи денот на распуштање на Собранието, се поинтензивни се изјавите за и против донесување на Законот за јавното обвинителство. Во текот на денешниот ден е најавена средба помеѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ и разговори за тоа како да се продолжи со дијалогот.

Од опозициската партија, иако ја потврдија средбата, нагласуваат дека тоа не значи дека ќе има договор со власта за законот. Тие упатуваат на изјавата на лидерот на партијата Христијан Мицкоски од неделата во која тој вели дека „она што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12 април ќе заминат во опозиција”.

Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека низ разговори би можело да дојде до приближување на ставовите, но доколку има отстапки од владејачката партија.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, на последната прес-конференција кажа дека се работи за структурен системски закон што се носи со двотретинско мнозинство, и како што рече, „во време и амбиент кога предметите од СЈО се осигурани, тие се во судски процес под надлежност на републичкиот јавен обвинител и тоа создава обврска на сите политички чинители да продолжат да разговараат и да го изнајдат решението кое е најдобро за граѓаните и секако во функција на укажувањето на Венецијанската комисија, Европската делегација и Европската комисија”.

Заев потврди дека ќе разговара со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување двотретинско мнозинство и изрази уверување дека може да се донесе ова законско решение.

Во однос на забелешките на Мицкоски и до каде СДСМ е подготвен да направи компромис, Заев рече оти очекува тие да гласаат и да го поддржат законот. Претседателот на СДСМ, додаде дека ќе биде среќен ако тоа го направи најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, односно тие да се придружат и да го олеснат патот до неговото донесување.

– Ние сме подготвени да одиме се дотаму додека тоа е дозволено согласно нашиот правосуден систем и рамката што ја носи Европската Унија, а тоа значи политичарите да не бираат обвинители, тоа значи дека не смееме да дозволиме одредени критериуми заради желба на политички партии дали се од власта или од опозиција да ги надминат црвените линии дозволени со европската регулатива. Тие законски решенија се дел од пакетот судски реформи, но и се дел на она што значи адаптирање на Северна Македонија со европската легислатива во областа правосудство, истакна Заев.

Исто така Заев, изјави дека доколку е потребно за ова да се разговара и на лидерска средба. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за законот за јавно обвинителство, пак, вчера рече дека треба да произлезе од европски, реформски закон, претходно усогласени ставови на работните групи, а дури потоа да се свикува лидерска средба, а не само „ради реда”.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, вчера одговарајќи на новинарско прашање дали го разгледале новиот предлог закон од СДСМ, и дали се подготвени  да ја понесат одговорноста доколку повторно се блокира законот кој што е клучен за почнување на преговорите со ЕУ, изјави дека експертскиот тим ќе ги потенцира сите забелешки на се она што е содржано во законот. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ, ќе остави можност да се сретнат претставници од двете партии и да разговараат за сите работи во законот, а потоа ќе организираат посебна прес конференција.

-ВМРО-ДПМНЕ не може да биде, да превзема одговорност за тоа што Заев сака да го направи за политички и свои цели. Да бидеме јасни. Заев сака да си направи повторно  свој закон каде што повторно ќе може да гони пратеници и да биде еден вид на деспот во Република Македонија. Тоа не може така. Ако збориме за реформи, ако навистина и  господинот Заев и сите околу него сакаат европски закони, тогаш дајте навистина да направиме реформски закон, кој што сите ќе го почитуваме и ќе имаме успешна реформа во Република Македонија”, изјави Мисајловски.

Актуелизирањето на прашањето за законот за ЈО следува по минатодонеделната посета на еврокомесарот Оливер Вархеи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе новиот закон за ЈО, што било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата

Треба да знаете
Последни објави