Search

Заедничка седница на владите на Албанија и Косово в петок во Скадар

Владите на Косово и Албанија идниот петок, на 25 септември, во албанскиот град Скадар ќе одржат заедничка седница, на која се очекува потпишување на нови меѓудржавни договори и разгледување на можностите за унапредување на оние кои веќе се постигнати, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на косовската Влада, вицепремиерката Албулена Баљај-Халимај, која е координатор од косовска страна, иформира дека нацрт-договорите кои ќе се потпишат во Скадар се веќе подготвени, а до утре се очекува и финализирање на процедурите за нивно усогласување според законите на двете држави.

Претходно Баљај-Халимај во изјава за приштинските медиуми најави потпишување на три, како што ги нарече, „големи договори”, како и дополнување на дел од оние кои се претходно постигнати.

– Се работи за три, би рекла, големи договори: првиот е за царината (за потребите на Косово) во Драч, потоа за железничката линија и за хидроцентралата која ќе се гради во Република Албанија за Косово, изјави потпретседателката на Владата на Косово.

Петочната седница во Скадар ќе биде шеста заедничка седница на владите на двете држави. Првата заедничка седница се одржа на 11 јануари 2014 година во Призрен и беше водена од тогашните премиери на Косово и Албанија, Хашим Тачи и Еди Рама, кои тој настан го оценија како „историски”.

Треба да знаете
Последни објави