Search

Заев: Ќе се бараат одговори на барањата на стечајците од Охис во рамките на законските надлежности на Владата

Заев: Ќе се бараат одговори на барањата на стечајците од Охис во рамките на законските надлежности на Владата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, на нивно барање, прими делегација на Иницијативниот одбор на поранешни вработени во АД Охис Скопје во стечај.

Претставниците на Иницијативниот одбор на поранешни вработени во АД Охис, изразија благодарност за можноста да се сретнат со премиерот Заев и изразија очекување, дека во рамките на законските надлежности на Владата на РМ, ќе бидат решавани некои нивни барања поврзани со стечајната постапка.

Нивните очекувања главно се однесуваат за исплата на побарувања од стечајната постапка за 24 неисплатени плати и за затворање на придонесите од плата за периодот од јуни 2012 година до октомври 2013 година, како и во списокот за обесштетувања од стечајната маса на АД Охис да бидат вклучени и вработените од фабриката „Малон“ АД Охис.

Премиерот Заев на средбата истакна дека, иако стечајната постапка на АД Охис Скопје е завршена и спроведена од судските органи во процес во којшто Владата нема ингеренции, тој ќе го задолжи министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, да ја продолжи понатамошната комуникација со поранешните вработени во Охис, да оствари средби со надлежни институции, како и со стечајниот управник Маринко Саздовски, за да се најде одржлив одговор на барањата на Иницијативниот одбор на поранешни вработени во АД Охис Скопје во стечај.

Треба да знаете
Последни објави