Search

Заев ја пушти пречистителната станица во Кочани: Во Брегалница ќе тече чиста вода,  проект поддржан од Швајцарија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се обрати на пригодната свеченост по повод пуштањето во употреба на пречистителната станица за отпадни води во Кочани.

Премиерот Заев во своето обраќање на свеченоста, на која присуствуваа и амбасадорката на Швајцарија во нашата земја Сибил Сутер Тејада, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, и други претставници на општината, истакна дека пречистителната станица за отпадни води во Кочани е една од најголемите инвестиции во Кочани во последните 50 години, и воедно најголемата донација на Одделот за економска соработка и развој на Швајцарскиот државен секретаријат за економски работи SECO во Северна Македонија вредна 21 милион швајцарски франци.

„Во име на овој факт ја изразувам нашата голема благодарност до Владата на Конфедерацијата Швајцарија, која континуирано и дарежливо учествува во развојот на многу области во нашата земја“, нагласи премиерот Заев и додаде дека пречистителната станица е една од најголемите во регионот, со капацитет од 65.000 еквивалент жители, со можност за приклучување и на соседната општина Виница.

Претседателот на Владата на РСМ Заев во своето обраќање го издвои фактот дека за таа цел од буџетот предвиден за Пречистителната станица беа издвоени 180.000 франци за изработка на физибилити студија, со која се потврдува можноста за техничка изводливост за приклучувањето на Виница во овој проект и со претходно издвоените 300.000 франци од буџетот на Кочани и со учеството на 1,8 милиони швајцарски франци на Министерството за животна средина и просторно планирање, е формирано  учеството на граѓаните на нашата земја во изградбата на овој објект од извонредно значење за двете општини и за регионот.

„Со приклучувањето на Виница, во Брегалница до Штип ќе тече чиста вода. Грижата за еколошки одржлив објект доби и своја додадена вредност и со изградената фотоволтаична централа, со што ќе се покријат минимум 54 % од потрошувачката на електрична енергија на Пречистителната станица“, рече премиерот Заев, и дополни дека сме горди ваквите проекти да ги ставаме во функција на граѓаните, кои поддржани од Швајцарскиот државен секретаријат за економски работи SECO,  го помагаат постигнувањето на европските стандарди за побрзо да ја изградиме Северна Македонија во држава според европските вредности.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во своето обраќање истакна дека овој значаен објект потврдува дека заштитата на животната средина е на врвот на приоритетните активности на Владата на Република Северна Македонија.

„Свесни сме дека одржувајќи ја чиста природата, ја чуваме нашата иднина. Оваа пречистителна станица е пример како треба и идните објекти да се градат. Претставува позитивен пример, пример за штедење на енергија, пример за користење на обновливи извори, пример за користење на отпадот, со еден збор: пример за цирклуарна економија, најдобриот концепт или алатка со која се справуваме со предизвиците од климатските промени“, потенцираше Макрадули и информираше дека наскоро започнува градењето на пречистителните станици во Битола и Тетово, по што ќе следува реализацијата на вакви објекти за Штип и Велес кои ќе се реализираат со ИПА-3 програмите на ЕУ.

Следната година Владата и Министерството за ЖС ќе започнат и со градење на најголемата пречистителна станица во нашата држава во Скопје и знам дека за време на преговорите со ЕУ, ќе имаме поголем процент на опфат на население со пречистителни станици од многу сегашни ЕУ членки за време на нивното пристапување, истакна Макрадули.

Амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада го изрази задоволството што присуствува на пуштањето на пречистителната станица во Кочани како објект во кој е вложен најголем грант од долгорочната стратегија за соработка помеѓу двете земји, дека тоа задоволство е уште поголемо и заради ефикасноста со која е изградена станицата, дека со овој проект граѓаните на Кочани и на регионот го остваруваат сонот за чиста Брегалница како река од чии води се наводнуваа плодните полиња до Штип.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев ја потенцираше можноста за приклучување на соседната општина Виница и на околните места кон Пречистителната станица, со што ќе се придонесе за намалување на цената по единица жител и ќе се зголеми искористеноста на станицата.

 

„Значењето на овој проект е големо, затоа што заштитата на природните ресурси ќе придонесе за одржлив развој на Брегалничкиот Регион. Со подобрувањето на општинскиот систем за отпадни води, ќе обезбедиме поздрава животна средина, безбедно земјоделско производство и забрзување на локалниот економски развој“, рече градоначалникот на Кочани Илијев.

Треба да знаете
Последни објави