Search

Заев: Јавната администрација се намалува, дел од вработените ќе се мотивираат за префрлање во приватниот сектор

Јавната администрација во континуитет се намалува, а во иднина вработените ќе се мотивираат да прифатат подобро платени, перспективни работни места во приватниот сектор.

Ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со тврдењата дека се зголемува бројот на вработените во јавниот сектор. Тој денеска е во посета на Гевгелија, каде заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев и градоначалникот Сашо Поцков извршија увид на системот за водоснабдување, а имаа и и средби со бизнис заедницата од регионот.

Заев вели бројката во јавната администрација не се зголемува, во моментов се вработени околу 149 илјади граѓани.

-Првично нејзината бројка беше 180 илјади. Се соочивме во политичка криза, не се составуваше  Парламентот по изборите, му се даваше, па не му се даваше мандатот на идниот премиер, имаше ситуација дека ќе има, па ќе нема избори. Сето тоа овозможи дел од администрацијата да се намали. Кога станав премиер бројката беше 165 илјади, во моментов е меѓу 148 или 149 илјади. Таа иако се пополнува на потребните места, сепак не се пополнува со таква динамика, колку што се води сметка за нејзиното намалување, рече Заев.

Вели за во иднина се разработуваат планови за мотивација на граѓаните од јавната администрација по сопствена волја и убедување да прифатат подобро платени и поперспективни работни места во приватниот сектор.

– Сите тие алатки навремено ќе бидат презентирани, еден дел ќе ги финансира државата во одреден временски период за да можат вработените да се преквалификуваат со цел да имаат повисоки плати  и поголема можност за напредување и за растење на платите и за севкупен интелектуален напредок, нагласи премиерот.

-Тоа е процесот. Многу земји успеале во тоа и ние ќе успееме. Никој нема да го загуби работното место, порача тој, додавајќи дека се зголемува потребата од квалификувана работна сила.

-Бараат бизнисмените, деловните луѓе, да бидат поподготвени да дадат повисоки плати  и тоа повисоки бруто плати и верувам дека сето тоа ќе биде уште една алатка и карика за нормализацијата на економските перспективи во нашата земја, нагласи Заев.

Треба да знаете
Последни објави