Search

Заев, Шилегов и Георгиевски на увид во реконструкцијата на ул. „Благоја Стефковски“ во Маџари

Заев, Шилегов и Георгиевски на увид во реконструкцијата на ул. „Благоја Стефковски“ во Маџари

Премиерот Зоран Заев задно со градоначалниците на Град Скопје и на Општина Гази Баба, Петре Шилегов и Борис Георгиевски, вечерва изврши увид во реконструкцијата на ул. „Благоја Стефковски“ во скопската населба Маџари.

Како што истакна Шилегов, во првата фаза ќе се реконструира улицата во должина од 870 метри заедно со подземната инфраструктура и ќе се изградат велосипедска и пешачка патека од едната страна во вкупна ширина од 4,5 метри. Вкупната инвестиција ќе биде 16 милиони денари, а треба да биде готова за 60 дена.

– Вечерва сме на увид на работата на уште една многу важна сообраќајница во Град Скопје во Општина Гази Баба за да се запознаеме со текот на реконструкцијата на улицата „Благоја Стефковски“, главната улица која поминува низ населбата Маџари и која ги поврзува Гази Баба и општините Илинден и Петровец. Она што ја прави уште позначајна оваа градска сообраќајница е што ја обезбедува сообраќајната врска и комуникација на огромен број стопански субјекти и компании во овие три општини кои формираат една од најдинамичните индустриски зони во градот. За потребите на граѓаните, за потребите на индустриските и деловните субјекти реконструкцијата на оваа улица ќе се искористи за замена на дел од старата и поставување нова подземна инфраструктура, рече премиерот Заев.

Тој ја поздрави праксата реконструкциите на улиците да се вршат во текот на ноќта со цел, како што рече, колку што е можно да се скрати времетраењето на самата реконструкција и на тој начин да се избегне непотребниот сообраќаен метеж кој настанува со целосното или делумно затворање на улиците.

-Град Скопје со интензивирањето на активностите во делот на изградбата на нови и реконструкцијата на постојните градски сообраќајници со значаен дел учествува во капиталните инвестиции во Република Северна Македонија. Тоа заедно со Градот го прави секоја општина поединечно, потенцираше Заев и додаде дека примерот на Град Скопје треба да биде инспирација за сите други општини во државата целосно да им излезат во пресрет на потребите на граѓаните за изградба и за одржување на модерни сообраќајни решенија.

Градоначалникот Шилегов нагласи дека втората фаза од реконструкцијата на улицата ќе почне во пролетта идната година и додаде дека се надева оти изведувачот ГП Бетон од Скопје ќе ја реализира првата фаза од Триангла до вртењето за улицата „Перо Наков“ побрзо од планираните 60 дена.

-Очекувам наредната година кога ќе почне реконструкцијата на булеварот „Александар Македонски“ да го споиме овој дел од градот со велосипедска патека со остатокот од градот, рече Шилегов.

Градоначалникот на Гази Баба Георгиевски посочи дека улицата „Благоја Стефковски“ е од огромно значење за граѓаните на општините Гази Баба, Илинден и Петровец.

-Ова е главен крвоток кој не е реконструиран во изминатите дваесетина години и тоа се гледа од застарените тротоари и асфалтот кој е преполн со дупки. Мислам дека на задоволство на граѓаните ќе успееме да го подобриме и сообраќајниот режим и безбедноста на пешаците и сите учесници во сообраќајот, рече Георгиевски.

Треба да знаете
Последни објави