Search

Заев, Спасовски, Зекири, Царовска и Димитров од Чаир: Победуваме затоа што сме заедно на патот на сигурна, европска Македонија со развојна економија

„Победуваме затоа што сме заедно” порачаа претседателот на СДСМ, Зоран Заев, носителoт на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, кандидатот за пратеник, Мухамед Зекири и носителите на листа во ИЕ 1, Никола Димитров и Мила Царовска, кои се обратија на вечерашната трибина во скопската општина Чаир.
„Чаир ќе победи посилно и од 2016. Победуваме затоа што сме заедно”, порача претседателот Заев.
„Ова е ваша земја и ќе се бориме дома. Ве уверувам ќе создадеме уште поуспешен амбиент за живот во нашата земја. Ништо не доаѓа на тацна.
Во една прилика кога Никола ме праша зошто мора да е сè тешко, реков и ќе кажам и овде – ако е лесно, не е величествено. Како што ни трепереа срцата со кревање на знамето на НАТО, за 4 до 6 години ќе го кренеме и пред Европската унија. Толку ни треба да ги совладаме поглавјата и да си ја европеизираме Македонија. Толку ни треба да го кренеме македонскиот стандард  да ни биде близок на стандардот до земјите членки на ЕУ.
Ве уверувам дека можеме повеќе. Знам дека знаете и вие дека можеме и повеќе и подобро. Знаете дека друг пат нема освен овој по којшто сме тргнати. Тоа е патот на единството, тоа е патот на европеизација, патот на работа, на работа и патот што носи среќни генерации”, рече претседателот на СДСМ, Заев.
Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, изрази очекување за победа и нови 4 години чист мандат на изборите на 15 јули.
„Обновени криминалци од времето на Груевски, има денес во лицето на Мицкоски и Мисајловски. Сите да се обединиме, да поразговараме со секој да излезе на изборите, не ни треба обновен режим. Ние најавуваме сигурност, визија, просперитет и правда. Помогнавме на граѓаните и во здравствено-економската криза, како што во изминатите три години ги враќавме парите кај граѓаните.
Најавувам нова 4-та одлука на Владата, за секој пензионер со пензија до 15.000 денари домашна платежна картичка од 9.000 денари, за секој стечаен работник, 12.000 во државата, домашна платежна картичка за купување домашни производи. За секој невработен и не е активен барател на работа – домашна платежна картичка и за секој самохран родител – домашна платежна картичка. Ова е опцијата на сигурност, Чаир и Македонија тоа го знаат”, порача Спасовски.
Кандидатот за пратеник во ИЕ 2, Мухамед Зекири, рече дека квазипатриоти се обидуваат да ги вратат етничките теми назад, но дека граѓаните нема да го дозволат тоа.
Никола Димитров, носител на листа во ИЕ 1, потсети дека економијата беше -1.8 проценти, со малку меѓународни пријатели, квалификувани како заробена држава, кон НАТО бевме до никаде.
„Се качивме на планината. Денес сме НАТО членка, цврсти сме, темелот ни е тоа. На чекор сме до почеток на пристапни преговори со ЕУ, нешто што го чекаме 15 години. Никогаш тие нема да се качат на возот кон ЕУ, бидејќи не ги разбираат мостовите кон ЕУ, а и ЕУ бара одговорно однесување, а тие не се спремни за тоа. Целата магла е да не се качиме на возот кон ЕУ, но тоа нема да се случи. Факт е дека има области во коишто можевме подобро. Но факт е дека дојдовме на патот. А нема ниту една област каде отидовме назад. Сега го фаќаме возот за ЕУ, да го направиме овој чекор, си имаме држава за дотерување, да си ја зграпчиме шансата да сме каде што припаѓаме”, повика Димитров.
„Долги години живеев во Чаир којшто ме научи на посебни вредности: колку повеќе различни, толку посилни сме и похрабри сме. Разликите се богатство на државата. Овие вредности ние ги покажавме и во Програмата и во владеењето во овие три години, дека се грижиме за сите. Нема еден граѓанин на којшто му следуваше право, а не му го обезбедивме. И ние покажавме дека вложувањето во луѓето е приоритет, претседателот Заев секогаш го поддржуваше тоа. И затоа имаме покачувања на платите, на пензиите, вложивме во младите, ги учиме младите на вредностите на европска Северна Македонија. Да не дозволиме Македонија да се врати 15 – 20 години назад. Ќе има и повисока минимална плата до 20.000 денари и просечна плата до 34.000 денари и пензија не помала од 10.700 денари”, порача носителката на листа во ИЕ 1, Мила Царовска, на вечерашната трибина во Чаир.
Треба да знаете
Последни објави