Search

Заев: Со Буџетот за 2019 парите одат кај граѓаните

Заев: Со Буџетот за 2019 парите одат кај граѓаните

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска одржаа прес-конференција на која ги презентираа главните аспекти на Буџетот на Република Македонија за 2019 година, кој вчера, како Предлог-Буџет беше доставен до Собранието на РМ.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

Како претседател на Владата на Република Македонија, и министерот за финансии, денеска сме пред вас да го презентираме Буџетот на Република Македонија за 2019 година. Ова се парите што секој од вас ги одделува за да се вратат назад во заедницата, до секој граѓанин на нашата земја, низ програми и политики што обезбедуваат економски развој, општествена благосостојба и сигурност, социјална праведност и подобра живејачка за секој граѓанин на Република Македонија, без ниту еден исклучок.

Сега е  време за тоа.

Поминуваат 18 месеци од денот кога беше формирана Владата и кога најавивме нова ера во политиката. Ветивме промени и реализираме промени – активиравме процеси и реформи за модерен политички систем со силна демократија која им служи на сите граѓани, за разлика од претходниот систем кој и служеше само на владејачката политичка елита.

Во надворешната политика на земјата направивме сериозен исчекор. Ги вративме евроатланските интеграции на врвот на агендата. Ја испреговаравме и склучивме „Преспанската спогодба“ и ја отстранивме блокадата за нашето интегрирање во ЕУ и НАТО Алијансата.

Од зоната на целосна неизвесност Македонија ја доведовме во помирно море, како држава со сигурна и обезбедена иднина.

Од изолирана, во држава со економски перспективи.

Сега е време да се испорачуваат економски резултати и социјална праведност, како основи за подобар живот за сите граѓани.

Како бескомпромисен борец и креатор на идејата за едно општество во кое секој е важен, моја должност е да работам посветено за да се подобри живејачката на секој граѓанин.

Пред нас е економска година во која парите на граѓаните уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните во сите категории. Особено најранливите.

Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благосостојба.

Со буџетските проекции за 2019 година најавуваме пресвртница во економските политики.

Силниот фокус на евроатланските интеграции го зајакнуваме со Буџет за растечка економија, за социјална праведност, за поквалитетни здравствени услуги, и за подобра живејачка за сите без исклучок.

Почитувани граѓани,

Фискалната политика на Владата на Република Македонија за 2019 година е во функција на обезбедување раст на македонската економија, социјална сигурност и забрзување на пристапувањето во НАТО и интеграцијата кон ЕУ. Буџетот за 2019 е дизајниран да ја одржи макро-економската стабилност и фискалната консолидација.

Во 2019 година ќе продолжи трендот на раст на платите и на вработувањето во приватниот сектор, поддржан со владините мерки, со што ќе се зголеми расположливиот доход на домаќинствата.

Порастот на доходот, како и предвидениот раст на кредитирањето на населението, ќе иницира пораст на приватната потрошувачка за 2,4%. Просечната нето-плата во овој период ќе продолжи да расте и се очекува да изнесува 4,5% на номинална основа.

Проекцијата за раст на бројот на вработени во 2019 година изнесува 2,1%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на околу 20%, а јас се надевам дека ќе се спушти и под таа бројка.

Во 2019 година се очекува забрзување на реалниот раст на БДП на 3.2%, при што позитивен придонес врз растот е предвидено да имаат домашната побарувачка, нето-извозот, и капиталните инвестиции кои ќе добијат нова динамика.

Продолжува трендот на висок раст на извозот на Македонија. Проекцијата за реалниот раст на извозот на стоки и услуги изнесува 8,5%. Проектираниот раст на домашната побарувачка и извозната активност условуваат пораст на увозот на стоки и услуги, којшто во 2019 година се очекува да изнесува 6,8% на реална основа.

Вкупните расходи во Буџетот за 2019 година, планирани во износ од 228,5 милијарди денари се во функција на функционална одржливост на четирите столба на Буџетот за 2019 година:

  • За политиките за вработување и за социјална сигурност;
  • За поддршката на домашната економија,
  • За забрзување на реализацијата на инфраструктурните проекти, и
  • За интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија за 2019 година се планираат на ниво од 210,8 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5% од БДП или 17,7 милијарди денари во апсолутен износ.

Тој тренд ќе го задржиме за да го одржиме и понатаму намалувањето на јавниот долг.

Дозволете ми да издвојам неколку важни точки од посебен интерес за граѓаните на нашата земја:

Во гoдината што полека ја оставаме зад нас, регистриравме рекорден прилив на Странски директни инвестиции, а поддршката на домашниот бизнис ги дава резултатите.

Посебно сме задоволни заради овие резултати бидејќи се постигнати пред да станеме земја членка на ЕУ и НАТО.

Остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 37% во однос на ребалансот за 2018 година.

Предвидуваме 37 отсто повеќе пари за:

  • Зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициони вложувања,
  • Мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари,
  • За поддршка за создавање на нови вработувања,
  • За поддршката на малите и средните претпријатија,
  • За субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување, и
  • За странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони

Невработеноста ја смалуваме на рекордно ниски 20% со помош на пакетот активни мерки за вработување – вреден 1.1 милијарда денари, како историски највисок износ.

Ова е пораст од околу 100 милиони односно 10% во однос на 2018, а разликата во однос на претходните години е подраматична: износот во 2019 е двојно повисок од остварениот во 2016 година или речиси тројно  повисок од остварениот во 2014 година.

Oвие средства се за креирање програми, мерки и услуги за вработување кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето на нови работни места, како и вработувањето на млади лица со младинската гаранција, која како пилот програма во 2018 година даде одлични резултати.

За здравствена заштита планирани се средства во износ од 30 милијарди денари, што е поголем износ во однос на 2018 година за околу две милијарди денари.

Предвидено е зголемување на средствата за финансирање на здравствените програми, со обезбедување на средства за бесплатни болнички здравствени услуги за одделни ранливи категории, како и набавка на нови лекови за лица со ретки болести.

За да се зголеми мотивацијата и да се заштити професионалното достоинство на здравствениот персонал, предвидено е зголемување на платите на  докторите специјалисти за 10% почнувајќи и на останатиот медицински персонал за 5% уште од јануари идната година. Со септемвриската плата во 2019 година овие плати ќе пораснат за дополнителни 5 отсто.

Во септември оваа година ги зголемивме платите на сите вработени во јавните здравствени установи за 5%.

Со овие мерки постигнуваме плата повисока од 90 илјади денари за специјалистите, со тенденција до кракот на годината таа да биде 100 илјади.

Благосостојбата на граѓаните е во нашиот фокус.

Затоа во Буџетот за 2019 година планирана е сериозна поддршка за земјоделството поддршка за производство, за квалитет и за сигурен пласман.

Износот на субвенции и рурален развој планиран за 2019 година изнесува вкупно 8,4 милијарди денари.

Ветувањето „Зелена нафта“ пристигнува во 2019 година за поддршка на земјоделските стопанства од 30% при набавка на гориво за земјоделска механизација.

И повторно го имавме интересот на граѓаните во фокусот кога донесовме одлука за зголемување на буџетот на Програмата за рамномерен регионален развој планирана на ниво од околу 512 милиони денари. Тоа се 107 милиони денари повеќе во однос на ребалансот за 2018.

Овде е фиксирано само директното финансирање на проектите за рамномерен регионален развој. Ако ги ставиме сите регионални патишта, водоводи и канализации, училишта и детски градинки, достигнуваме бројка повисока од 1% од БДП што ја остварува бројката од Законот за регионален и рамномерен развој, и во периодот што е пред нас тоа ќе го направиме јасно видливо за граѓаните за да видат дека законот се спроведува.

Целта е финансирање на проекти за развој на планските региони, развој на подрачја со специфични развојни програми, проекти за развој на селата, како и Проектот за подобрување на општински услуги за изградба на водоводни и канализациони системи во општините, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги.

За прв пат во стратешките приоритети во програмата на една влада е определена Програма за намалување на аерозагадувањето.

Ситуацијата наложи интегриран и координиран пристап што ќе се спроведува од страна на Владата заедно сите надлежни државни институции, локалната самоуправа, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации.

За остварување на мерките и акцискиот план за намалување на загадувањето на воздухот, Владата и Министерството за финансии определија посебна ставка за поддршка на мерките во предлогот за Буџетот на Република Македонија за 2019 година.

Првично утврдениот буџет за оваа програма изнесува 98 милиони денари, но тој буџет треба да се гледа како дополнителен дел НАД веќе постоечките буџети за еколошките мерки во Министерството за животна средина, во Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, во проектот за гасификација и мерките за животна средина на општините.

Буџетот за 2019 ќе направи сериозно придвижување во делот на капиталните инвестиции, и особено во проектите за социјална сигурност, праведност и солидарност, за јавната администрација, како и за поддршката на нашите евро-атлантски интеграции кои идната година влегуваат во клучна фаза.

За деталите за поддршката на овие проекти од Буџетот за идната година, како и за некои други важни буџетски ставки, ќе ви говори министерот за финансии Тевдовски.

 

Треба да знаете
Последни објави