Search

Заев, Радникот и свиркачот Костовски повикани за сведоци во “Монструм”

Обвинителството побара поранешниот премиер Зоран Заев да сведочи на судењето за случајот “Монструм”, а истото барање го имаат и родителите на убиените деца кај Смиљковско езеро, објави Фокус.

Тие побараа да се пушти изјавата на тогашниот премиер Зоран Заев на собраниска говорница во 2018 година, но, тоа најверојатно ќе се случи на 3 февруари, за кога треба да се обезбеди снимка од Собранието од тој говор на Заев.

Освен Заев, во судница на барање на обвинителството ќе сведочат и „свиркачот“ Звонко Костовски, полицаецот Зоран Трајковски и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски- Радникот како и Зоран Велковски, пријавител на случајот.

-Бараме да сведочи Звонко Костовски за начинот на кои се предадени бомбите од УБК до СЈО. Зоран Заев го повикуваме во однос на неговите информации за овој случај, рече обвинителот Гаврил Бубевски.

Во судница ќе треба да сведочи и Трајковски, вработен во МВР, чии телефонски разговори беа пуштени во судница, а од кои се создаде впечаток дека предупредил дека ќе се случи нешто лошо.

Родителите на убиените деца за сведок го предложија и Сиша Алексовски, кој беше советник за национална безбедност на екс претседателот Ѓорги Иванов, како и двајца припадници на единицата „алфа“  кои први дошле на местото на злосторството.

Судот ги прифати сите овие предлози.
Треба да знаете
Последни објави