Search

Заев: По корона кризата веднаш започнуваме преговори со ЕУ, на располагање ни се две милијарди евра во следните години

„Денот кога ЕУ објави дека се дозволува да и се даде датум за преговори на нашата држава ми е еден од најсреќните денови. Тоа е потврда за сите активности на Владата на чие чело бев јас две години. Сите тие политики резултираа со добивање на датум за преговори. Иако доживувавме неправда уште од 2018-та, па потоа и на два пати во 2019-та, особено со грешката на ЕУ во октомври минатата година, сепак успеавме затоа што тоа го заслуживме. Ова е мотивација да продолжиме со реформите, со демократизацијата на државата. Јас сум многу среќен и сакам и нашиот народ да биде среќен.”- порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев за Дневникот на телевизија Сител.

Тој ги повика македонските граѓаните да не ги потиснуваат емоциите и да бидат радосни, иако ситуацијата со здравствената криза ги поматува среќните чувства.

„Жалам што ова се случува во време на корона вирусот, вирусот кој го зафати целиот свет и верувам ќе бидеме паметни да го надминеме, но тоа не ни дава за право да ги потиснеме чувствата и да не бидеме радосни. Напротив, треба да сме радосни, само радосни и среќни луѓе може да се справат со сите предизвици. Ние ова го заслуживме, низ годините носевме храбри одлуки, се излезе на референдум, за една неблагопријатна ситуација да го смениме името на државата, потоа пратениците во парламентот донесоа тешки и храбри одлуки, но ние денес сме Македонци, македонски народ, со македонски јазик, ама сме членка на НАТО и почнуваме преговори со ЕУ. Верувам дека со завршување на корона кризата ќе се отпочнат преговорите, ќе се отворат поглавјата, знаете дека поглавјата не се лесни, но тие даваат можност ако имаме реална, практична реализација на реформите, и ако тие се одржливи, брзо ќе итаме, ќе ги отвораме и затвораме поглавјата. Така се отвораат и фондови. Две милијарди евра беа планирани од ЕУ за Северна Македонија, во буџетот за следните седум години и сето тоа треба да биде стимул во делот на реформите. Сето тоа треба да биде стимул да бидеме практични, брзи и успешни. Верувам дека ќе имаме капацитет, ќе ни треба секој стручњак, но само ако ги исполниме сите задачи и ги искористиме сите потенцијалеи ќе имаме напредок. До крајот на 2024 година очекувам дека 80 проценти од поглавјата ќе ги отвориме.”- Заев изрази оптимизам повторувајќи дека пристапните преговори со ЕУ се втората стратешка цел, покрај онаа со членството во НАТО.

„Ова е втората стратешка цел на нашата држава, откако пред неколку дена ја остваривме првата цел- членството во НАТО. Ова се стратешките цели за кои зборуваа премиерот Никола Кљусев и претседателот Киро Глигоров на 8-ми септември, 1991 година, со референдумот за независноста на државата. Тогаш ги имавме поставено овие цели, потоа во 1995 година беа донесени резолуции и ова се главните цели на нашиот народ и нашата држава и има причина зошто- ова носи стабилност, безбедност, економија, демократија, европеизација и европски вредности, а сето тоа значи стабилен и квалитетен живот на нашите сограѓани со добар економски стандард.”- заклучи претседателот Заев.

Треба да знаете
Последни објави