Search

Заев понуди помирување за двотретинско мнозинство,седницата продолжува и денеска

 Со порака за помирување и простување, почнувајќи од настаните од 27 април, кога премиерот Зоран Заев беше цел за напад, а според него, и за линчување, вчера претседателот на Владата во своето обраќање на почетокот на седницата за уставни измени во Собранието ги повика пратениците да гласаат за уставните измени за земјата да влезе во НАТО и во ЕУ.

Според Заев, најголемата одговорност за оваа, како што ја нарече, историска одлука, е во рацете на пратениците. Во повикот до пратениците тој порача дека оние кои се уште се сомневаат кој е вистинскиот избор, да размислаат зашто нема нешто повредно за мислење. За Заев, спротивното од гласање за измените, ќе не фрли во изолација и неизвесна иднина и ќе ни донесе несигурност и сиромаштија.

– Сега треба да одлучите дали многу ќе добиеме или многу ќе изгубиме, рече премиерот, посочувајќи дека пратениците треба да донесат државнички избор.

Повика политичките разлики и делби да бидат оставени надвор од законодавниот дом и пратениците да ја следат волјата на народот. Одлуката на Парламентот, како што кажа, ја очекуваат и граѓаните и светот. Ги повика и власта и опозицијата да го направат тоа и додаде дека знае оти тоа има политичка цена што е подготвен да ја плати.

Рече дека Владата е максимално отворена за предлози од опозицијата и за прифаќање на амандманите кои ќе ги намалат комплетно грижите на пратениците, а во исто време да не се противат на духот на Договорот од Преспа.

Парламентарното мнозинство и опозицијата на седницата, која продолжува и денеска, останаа на своите ставови „за“ и „против“ уставните измени. Изненади пратеникот Ферид Мухиќ, кој до пред некој ден беше против уставни измени. Се изјасни дека ќе гласа за уставните измени, објаснувајќи дека со неговиот став се довел во ситуација, на извесен начин да влијае на 20.000 граѓани на Македонија кои ги претставува во Парламентот.

Мухиќ потенцираше дека легитимитетот и мандатот на овој состав и на оваа Влада е наследен и нема правен проблем. Во однос на Договорот од Преспа оцени дека тој е лош, но дека од почеток подобар не можело да има. Рече дека правно немало цензус на референдумот, но оти 1.200.000 гласачи не кажале ништо на изјаснувањето наспроти над 600.000 граѓани кои го поддржале Договорот.

– Очигледно немаме правна основа да го отфрлиме, рече Мухиќ во својот говор на пленарната седница за уставните измени.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со став дека договорот од Преспа е штетен и политички и правно мртов. За Илија Димовски, Владата со Договорот излегла од својот мандат за прашањето за името и Собранието треба да констатира дека предлогот е неприфатлив. Според него, има алтернативи за решавање на ова прашање, кое е поврзано со влезот во НАТО и во ЕУ.

Ставот на парламентарното мнозинство е дека подобар договор од овој не може да има и оти ако тој се отфрли и не влеземе во ЕУ и НАТО тогаш на земјата и се зкаанува изолација. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев ги повика пратениците од опозицијата да го убедат раководството на ВМРО-ДПМНЕ и заеднички да ја донесат одлуката за уставни измени и за промена на името.

Поддршка на уставните измени дадоа и пратениците Артан Груби и Џевад Адеми од ДУИ според кои на Македонија и е потребно единство како никогаш досега.

Повик да се поддржат уставните измени упати и потпретседателот на Собранието Весел Мемеди кој рече дека е невозможно да се постигне подобар договор.

– Македонија многу доцни, три децении не може да реши едно прашање кое од од животна важност. За тоа плаќа голема цена, а со натамошното пролонгирање цената ќе биде уште поголема. Тоа го сакаат деструктивните сили кои шират лаги, клевети, сакаат анархија и не и мислат добро на државата и сакаат анархија. За нив ниеден договор никогаш нема да биде доволно добар зашто ќе им ја скрати можноста за натамошно деструктивно функционирање и за остварување на личните интереси, истакна вчера Мемеди на собраниската седница на која се расправаше за уставните измени.

Треба да знаете
Последни објави