Search

Заев побара од Јункер изземање на македонските компании од анти-дампинг мерките

Претседателот на Владата, Зоран Заев, разговараше телефонски со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Разговорот, како што соопшти владината прес-служба, доаѓа по иницијатива на премиерот Заев, за да го информира претседателот на ЕК за реформските процеси во земјава, со кои се исполнуваат задачите кои Европскиот совет ги одреди како предуслов за формален почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година, како и за политичките процеси за усвојување на уставните амандмани.

Заев за време на разговорот го информирал Јункер за двата паралелни процесa кои Европската комисија ги отвори во врска со увоз на производи од челик и алуминиум, а кои директно засегаат неколку компании од Македонија.

„Премиерот Заев посочи дека времените заштитни мерки и анти-дампинг постапките со кои се засегнати неколку држави, меѓу кои и Македонија, имаат негативни последици кон економијата на државата. Притоа, бидејќи Македонија незаслужено се најде на листата за овие мерки, премиерот Заев го замоли претседателот на ЕК, Јункер, да ја разгледа можноста за изземање на нашата држава од времените заштитни мерки и побара решавање на ова прашање со заемно прифатливо решение, во рамките на процесот на стабилизација и асоцијација“, соопшти Владата.

Дополнително, премиерот изнел уверување дека постоечката верификациска мисија на Европската комисија, во македонските компании, за анти-дампинг истраги ќе заврши успешно и дека европските експерти ќе се уверат дека нема дампинг практики во овие компании.

Од Владата информираат дека Заев и Јункер на крајот од разговорот се согласиле дека Македонија покажува видлив и значителен напредок на полето на реформите, а очекувано е и успешно завршување на процесот на уставните промени утврдени во договорот со Грција.

Заедничка е оценката дека доколку нашата држава продолжи и го засили темпото на реформи и завршување на процесот на уставните измени, ќе го трасира патот за почеток на преговорите по европските избори во 2019 година.

Треба да знаете
Последни објави