Search

Заев: Патот од Бутел до Љуботен ќе го стимулира локалниот и економскиот развој и ќе отвори можности за развој на руралниот туризам

Денеска, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски присуствуваа на увид на реконструкција на патот Бутел- Љуботен.

Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„Навистина ми претставува голема чест и задоволство што денеска сме заедно тука – на увид во втората фаза од градежните работи на патот од селото Бутел до селото Љуботен. Овој важен инфраструктурен проект е поткрепен со близу 11 милиони денари од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а се реализира и со неповратни средства од Програмата за рурален развој. Сакам да истакнам дека оваа делница во должина од 7 километри се реконструира прв пат по 28 години. Таа е дел од нашите заложби и граѓаните од руралните средини да добијат соодветни услови за живот. Делницата ќе значи подобро инфраструктурно поврзување на над 5. 000 жители на селото Љуботен и туристичкото место Башинец, додека жителите на селото Љубанци, Раштак и Љуботенски пат ќе имаат можност за многу пократко време да пристигаат во Скопје. Искрено се надевам дека овој пат ќе го стимулира и локалниот економски развој, ќе отвори можности за развој на руралниот туризам и ќе обезбеди полесен пристап и поврзаност на земјоделците.

Цели 10 години нивото на инвестиции во инфраструктурата во нашата држава беше на ниско ниво, со што станавме инфраструктурно заостаната земја, со рурални средини без основни животни услови. Токму затоа Владата е цврсто решена да вложува во изградба на развиена инфраструктура, а ги стопираме инвестициите во непродуктивни проекти, каков што беше Скопје 2014. Наша стратешка цел е реализацијата на проектите: „Македонија мегалополис”, инфраструктурно поврзување меѓу најголемите центри за не повеќе од 90 минути, и „Македонија без црни точки”.

Усвоивме план за инвестиции во патната инфраструктура од приближно 3 милијарди евра преку кои во наредните години ќе изградиме 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта и 1.000 километри локални патишта. Секој километар добар асфалтен пат е многу значаен за граѓаните. Без разлика дали е автопат, регионален или локален пат. Добрата поврзаност на населените места е од животно значење за секојдневието на граѓаните.

Со овие мерки и политики, сакаме да ги мотивираме граѓаните да создаваат сопствени бизниси и да ги развиваат и руралните средини, без оглед на нивната местоположба. Само преку квалитетни услови за живот може да влијаеме врз намалување на одливот на младите, односно да ги задржиме во родните огништа.  Сакам да изразам задоволство што и во овие вонредни услови предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, докажуваме дека со заеднички сили можеме забрзано да ги  реализираме капиталните проекти на територијата на целата држава.

Ја користам оваа прилика да изразам голема благодарност пред сѐ до работниците кои со почитување на сите протоколи за заштита,  неуморно работат на изградбата на овој пат.  Воедно се заблагодарувам и на изведувачот и надзорот, како и на локалното население. Сакам само да додадам дека државата во Општина Бутел, во зоната Визбегово со 4.5 милиони евра сериозно работи на водоводот и канализацијата и верувам дека во скоро време со министерот Бочварски и градоначалникот Велимир, ќе се појавиме во Визбегово за да го завршиме овој проект што го зборувам, бидејќи за овој проект се зборува од независноста на Македонија до сега. Во исчекување сме на 9 милијарди за Западен Балкан и поддршка на инфраструктурни проекти каде што некаде помеѓу 800 милиони и 1 милијарда ќе се однесуваат токму на капитални инвестиции. Развивме национален инвестиционен план со кој што верувам дека ќе помогнеме на селата, на градовите, но и на развојот на севкупната инфраструктура во државата”.

 

Треба да знаете
Последни објави